Приведени петмина демонстранти по тетовскиот протест поради пожарот во модуларна болница

Тетовската полиција приведе пет лица поради агресивно однесување и физички напад на полициски службеници за време на протестот кој се одржа вчера во Тетово, а со кој се побара одговорност за пожарот во модуларната болница каде загинаа 15 лица.

Како што соопштија од МВР, вчера биле лишени од слобода три лица – Б.А.(31) од с.Туин, кичевско, Н.Б.(52) од с.Мала Речица, тетовско и Џ.С.(33) од с.Вешала, тетовско, а денеска (18.09.2021) и В.А.(33) и А.Ш.(30), двајцата од Тетово. Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

Во протестниот марш кој вчера попладне започна на градскиот плоштад во Тетово, а продолжи пред општинската зграда каде се одржа говор, дел од демнонстрантите фрлаа со јајца врз зградата. Протестот потоа продолжи кон изгорената модуларна болница, па кон Демократската унија за интеграции (ДУИ), но полицијата го блокираше пристапот до седиштето на партијата.

Два дена по пожарот во тетовската модуларна болница оставка понуди министерот за здравство Венко Филипче, а пред него  оставка дадоа и заменик-министерот Илир Хасани, како и директорот на тетовската болница Флорин Бесими и економскиот директор на болницата Артан Етеми.