Речиси половина од студентите кои годинава аплицирале за место во студентските домови ги лажирале податоците, со цел да добијат евтино сместување, вели министерот за образование и наука Спиро Ристовски. Според него, 43 проценти од апликациите се со неточни податоци, односно не се идентични со податоците во доставената документација, пренесува Телеграф.
Од 6.369 слободни места во првиот конкурс, објавен на 15 јули, Комисијата ги прифатила апликациите на 2.147 студенти и толкав е бројот на пополнети места. Одбиените или не ги исполнувале условите или немале целосна документација или дале неточни податоци за примања во семејството, што не се совпаѓале со тие од Управата за јавни приходи. Некои апликанти си го зголемувале и просекот на оценките.
– Во законски утврдениот рок, 4.799 студенти аплицирале електронски. Од нив, 3.740 имаат приложено документи, при што Комисијата утврди дека речиси 43 проценти од апликациите се со неточни податоци, односно не се идентични со податоците во доставената документација – рече Ристовски.
Тој истакна дека имало екстремни случаи на поднесување на лажни изјави за имотната состојба и месечните примања на родителите.
– Детектирани се екстремни случаи каде што студентот во електронската апликација навел дека нема никакви семејни примања, а УЈП констатира годишен прилив од речиси шест милиони денари. Во друг случај, апликантот не пријавил годишен приход од 1,4 милиони денари, во трет пријавил плата на родител од 15.000 денари, а документацијата вели 48.000 денари – рече Ристовски.
Тој ги повика студентите кои на првиот оглас не доставиле документација или не во целост да аплицираат и на интернет-страницата www.smestuvanje.mon.gov.mk да ја преземат пријавата. Огласот важи и за тие што дале лажни податоци од кои, рече Ристовски, можеби некои го направиле тоа несвесно и без да очекуваат дека податоците се проверуваат.
Министерството денеска објави втор конкурс за сместување во десетте студентски домови низ земјава, при што има вкупно 3.106 слободни легла.
Извор: Телеграф