Фестивалот „КРИК 06“ продолжува да го истражува јазолот на нашето време, причините за анксиозноста, и можните алтернативни формати на организирање на заедницата која ќе биде грижлива, праведна, солидарна и рамноправна.
На платформата ЗУМ и на Фејсбук, тимот на „КРИК“ вечерва (вторник, 21 септември) од 19 часот како гостин го најавува провокативниот филозоф Петер Халвард, кој ќе има предавање насловено како „Заедничка цел: Предизвикот на споделеното владеење“.
После предвањето ќе следи разговор со Артан Садику, а и онлајн полемика отворена за сите кои ќе се приклучат на споделените линкови.
Петер Халвард е професор на Центарот за истражувања на модерната филозофија на Европа при Универзитетот Кингстон во Велика Британија. Во фокусот на неговите филозофски истражувања се филозофските системи на Жил Делез и Ален Бадју. Во релација со овие автори тој објавува неколку книги поврзани со постколонијалните референци. Во мигов работи на својата книга насловена како Волјата на народот која треба да биде објавена во издание на Версо во 2023 година. Воедно Халвард работи и на сет на теми кои се во релација со широката тема за политичката волја.
Петер Халвард е дел од уредувачкиот одбор на магазинот „Radical Pfilosophy“. Тој докторира на универзитетот Јеил при катедрата за француски и афро-американски студии.
Кон „Заедничка цел: Предизвикот на споделеното владеење“, тимот на „КРИК“ пишува:
„Ако сака народниот владетел да ги надвладее своите непријатели и да успее да ја контролира официјалната власт, потсетува Русо, тој мора да ја има предвид волјата што го мотивира и да ги концентрира силите што го поттикнуваат. Напнатоста помеѓу овие две барања помага да се расветлат некои одлучувачки аспекти од работата и на Жан Жак Русо и на Карл Маркс, а потоа и на некои од нивните револуционерни толкувачи во Франција и Русија. Исто така, помага да се направи пошироко согледување и анализа на еманципаторските политички организирања и стратегии, што Халвард ќе ги илустрира преку разработка на некои примери во релација со Втората интернационала и со борбата за граѓански права во САД. Едно од централните прашања што е секогаш комплексно и заплеткано е политичката димензија на категоријата која често е префрлена на маргините на критичката теорија и филозофија – категоријата на каузалност, а особено своевидната командна каузална моќ поврзана со осмислена и наменска колективна практика“.