Еден од највозбудливите регионални бендови во моментов, „LELEE“, на 1-ви октомври ќе настапи во Младинскиот Културен Центар во Скопје, како дел од прославата „30 години Канал 103“.
„Словенечкото разиграно инди/пост-панк трио LELEE е совршен пример на мултикултурно поврзување меѓу балканските музичари од Вардар (Драгор во случајов) до Триглав. Бендот е составен од Јелена Русјан (Borghesia, TRUS!) – вокал и бас, македонецот Дамјан Маневски (Rush to Relax, Molokai) – вокал и гитара и словенечкиот тапанар Јан Кмет (balans, Kalu). Иако постојат релативно кратко време, брзо се врежаа во свеста на алтернативната јавност преку возбудливиот инди-гитарски звук, придружен со машко-женски вокали на српски и македонски јазик“, најавуваат од Стотројка.
Дебитантскиот албум, „Čuka bije pumpa“ (Moonlee Records, Ill in the Head Records, 2021) претставува ударно женско-машко повеќегласие на различни јазици во традицијата на бендови како Yo La Tengo, кое лесно останува всадено во главата на слушaтелите.
Триото влече инспирација од пионерскиот неиспеглан звук на инди-рок диносаурусите Dinosaur Jr. и Thе Pixies, како и од инди-рок амбасадорите на новото доба, Sweeping Promises и Uranium Club. Леснотијата и полетноста на својот звук ја попримаат од двата американски брега, но со регионална автентичност и нијанса на југословенски new wave.
Наспроти генерациската разлика помеѓу членовите на бендот, сите ја делат искрената склоност кон звукот на инди традицијата, со радост го претопуваат во современи комбинации и ги привлекуваат младите слушатели.
„’Lelee’ се мајстори за пишување на инди песни, со истенчено чувство за поп мелодии поради кое со леснотија сервираат впечатливи рефрени и ведри, понекогаш носталгични, а на места и темпераментни мелодии. Нивната музика како да е измислена за бесцелни лутања по автопати и летни патешествија. Дамјан брливо и безгрижно свири на својата електрична гитара, Јелена свири бас линии од кои ве чешаат табаните, додека пак Јан се грижи се’ заедно да звучи како совршена кулиса за некоја игранка, доцна попладне во летна градина. Би можело да се каже дека кај LELEE се среќаваме со некаков имагинарен јадрански звук, кој е емотивен, искрен и непосреден, но сепак и покрај алтернативниот карактер, доста приемчив и за мејнстрим радијата и пошироката публика“, велат од Стротројка.
Во оваа прилика на бендот ќе му се приклучи словенечкиот артист и продуцент Blaž (Блаж Грачар), на синтисајзери.
Организаторите најавуваат наскоро повеќе детали за целокупната програма на фестивалот.