Онлајн слободата продолжува да опаѓа на глобално ниво, а владите сè повеќе се борат да го спречат говорот на интернет додека растат дезинформациите, покажува новиот извештај за слободата на интернетот на Фридом Хаус.
Истражувањето насловено „Глобално движење за контрола на големите технолошки корпорации“ покажува дека интернет слободите назадуваат 11-та година по ред, најмногу поради две причини: Првата е недостатокот на регулација во технолошката индустрија, која им овоможила на компаниите неконтролирано да растат, а со тоа и да се шират дезинформациите во онлајн просторот. Втората, пак, е тоа што авторитарните влади воспоставиле строга контрола на интернетот со цел да го сузбијат слободниот говор.
Оваа година од вкупно 70 држави каде што се истражува интернет слободата во извештајот, најголемо назадување било регистрирано во Мјанмар, Белорусија и Уганда. Падот од 14 поени според индексот на Фридом Хаус кој годинава го забележил Мјанмар е најголем во историјата на овој индекс.
Кина седма година по ред е најлошата држава во поглед на интернет слободите. Во извештајот се наведува дека кинеските власти вовеле драконски затворски казни за покажување незадоволство онлајн или независно известување. Пандемијата со Ковид-19 останува една од најцензурираните теми во државата.
Во изваштајот се наведува и дека петта година по ред опаѓа слободата на интернетот во САД. Најмногу поради тоа што во онлајн просторот продолжуваат да се споделуваат лажни, манипулативни информации, кои дури имаа влијание врз претседателските избори во 2020 година. Од Фридом Хаус напоменуваат дека новата власт ветила дека ќе преземат чекори за построга заштита на интернет корисниците.
Во извештајот стои и дека од 3,8 милијарди луѓе кои имаат пристап до интернет во светот, само 21% од нив имаат онлајн слободи, додека дури 39% се соочуваат со неслободен интернет.