Активисти и локалци протестираа против најавата за сеча на дрва во Аеродром

Локални жители на населбата Аеродром и активисти за животна средина денеска преку протест го изразија својот револт од најавата за сеча на дрва кај улицата „Васко Карангелески“, каде деновиве стигна и механизацијата со цел да се почне со проширување на улицата.

Активистот и кандидат за советник во Град Скопје Марјан Калевски од групата „Зелен Хуман Град“ која го организира протестот, потенцираше дека наместо одговорно планирање, во континуитет се гледаат, како што вели, некохерентни и неретко контрадикторни, но конзистентно автоцентрични политики.

„Таков е и најновиот случај со наводната реконструкција на булевар Крсте Мисирков, каде што има катастрофално решение за пешаци, а никакво решение за велосипедисти. Функционерите постојано постојат за да му служат на јавниот интерес, оние кои не си ја исполнуваат должноста, мора да бидат сменети“, рече Калевски.

Истовремено, тој изјави дека Скопје мора да се развива одржливо и праведно и дека мора да се стреми кон реализирање на целите за одржлив развој на Обединетите нации.

фото: Радио МОФ

фото: Радио МОФ

„Што значи, не смееме да си дозволиме уништување на здрави дрва стари половина век, за некакви автоцентрични проекти од минатиот век. Град што не се развива одржливо е град што умира, не смееме да дозволиме неукост и автократија да ни го земаат здравјето и да не чинат животи“, додаде тој.

Според Марија Бургиева која беше дел од протестот, главен приоритет треба да биде заштита на зеленилото заради тоа што, како што рече, мотото на Општина Аеродром бил „тивка, зелена и чиста населба“.

„Сега сè помалку и помалку е зелена, тивка и чиста и заради тоа треба да биде главен приоритет да се зачува и тоа што е веќе од зеленило посадено, засадено и живее. како што се на пример тука едни од поголемите дрва со големи крошни, кои што се тука веќе 20-30 години. Нема резон и смисла да се сечат тие дрва, прво не знам ни дали смее да се сечат такви дрва, затоа што се навистина клучен дел од зеленилото, и дополнително да се сечат дрва што се засадени пред две години, уште немаат фатено убав корен“, изјави Бургиева за Радио МОФ.

Меѓу демонстрантите беше и  Тамара Јованов Апасиев која изјави дека на протестот е присутна како жителка на Аеродром, затоа што сака да даде поддршка на водењето политики кои се за граѓаните, а не против нив.

„Аеродром порано беше населба која што беше една од најзелените населби, додека во последните неколку години се случува страшна бетонизација на населбата и стана со тек на време и една од најзагадените општини во Скопје. Според тоа сметаме дека мора да се бараат други решенија кои што не се во насока на уништување на она што постои како зеленило, туку напротив да се бараат поедноставни решенија, можеби да се проба во смисла на градење на кружни текови, наместо сечење на дрва да се растерети сообраќајот“, рече Јованов Апасиев,

Истовремено, таа посочи дека постојат истражувања кои покажуваат дека со проширувањето на улиците незадолжително се добива растеретување на сообраќајот.

фото: Радио МОФ

„Напротив доколку постојат повеќе тесни грла, може да се случи на 200-500 метри, километар да се реши метежот, додека подолу или погоре од решението повторно да имаме тесни грла, а зеленилото веќе да биде уништено, што значи дека апелираме оваа и сите идни власти да размислуваат во насока на барање на решенија кои што ќе го интегрираат зеленилото, а да не го уништуваат“, додаде таа.

Е.П/М.К.