„Некои што ги сакаш“ – роман на Јована Котеска за пријателството и детските љубови

Јована Котеска има седумнаесет години, а веќе на 14 ја пишува својата прва книга „Некои што ги сакаш“.  Вели дека идејата за книгата се појавила спонтано, додека летниот распуст го поминувала на село и пишувала домашна работа по македонски јазик. Taa се надоврзува дека откога го завршила составот на слободна тема, едноставно продолжила да пишува, без да знае точно што значи да се напише книга.

Радио МОФ поразговара со Котеска околу книгата, која обработува детска љубовна приказна, односно првите симпатии и пријателството.

Таа се надоврзува дека во времето во кое ја пишувала книгата, не знаела ништо повеќе од ликовите, па затоа ликовите се деца.

Јована Котеска на книжевната промоција

„Бев само дете кое го прави истото што го прават ликовите во романот – стекнуваат пријателства, се забавуваат, не размислуваат, ги имаат првите детски симпатии… Ја оставив токму таква бидејќи кога за последен пат ја препрочитував, сфатив дека е толку реалистичен роман и дека таков ќе ги потсети возрасните читатели на времето кога тие биле деца или тинејџерите кои го „пораснале“ тоа детство“, објаснува Котеска.

Според неа, убавото во уметноста е тоа што иако авторот преку своето дело испраќа една порака – читателите пронаоѓаат и некоја друга. Сепак, Котеска исткнува дека носечката порака во нејзиниот роман е читателите никогаш да не го изгубат детето во себе.

„Никој никогаш не е „стар“ ниту „млад“ за работите кои го прават среќен. Другата порака е тоа дека само ние сме лекот за зараснување на болките во нас додека бегството само не доведува до болно самоубиство. А друга порака која сакам да ја испратам преку книгата надвор од содржината е никогаш никој да не се откажува од своите соништа. Знам дека звучи клише, но по остварување на ова, јас се чувствувам семоќна – во секоја смисла на зборот. Нека се чувствува така секој од вас“, вели таа.

Јована Котеска на книжевната промоција

Да се напише книга на 14 години е потфат кој бара поддршка, а Котеска вели дека најголемата поддршка се добива од самиот себе. Сепак, таа нагласува дека добила поддршка од блиските, наставниот по македонски јазик и пријателите. На младите кои се занимаваат со пишување, Котеска им порачува никогаш да не се откажуваат, без разлика дали имаат поддршка.

„Запомнете дека најважно е ние самите секогаш да си бидеме поддршка. Не треба никогаш да се основаме на другите луѓе, тоа не е потребно. Само вашата рака на рамото ќе ве води. И истражувате, не срамете се, пишувате и прашувајте, пробувајте сè што ќе најдете на пат, прифатете ја секоја помош и не срамете се да ја побарате. Будете се секое утро со помислата „Јас ова го направив“ иако сте само на почеток, бидејќи после секое такво утро, јас навистина во понеделникот се разбудив и со „отворени“ очи кажав „Јас ова го направив“!

Љубовниот роман „Некои што ги сакаш“ е сè уште достапен, а заинтересираните можат да го порачаат преку профилите на Јована на социјалните мрежи.

И.С.