Зум состанок од локален совет во Нов Зеланд е прегледан повеќе од 290.000 пати на Јутјуб откако луѓе започнале масовно да го користат за да изгледаат дека се зафатени.
„Се чувствуваме славни. По неразбирливата виралност на видеото… ние сме исто толку збунети како и вие“, стои во твитот на советот.
Happy Friday, Twitter!
We’re feeling famous😎
One of our livestreams has surpassed 280,000 views after inexplicably going viral on the internet (We’re just as confused as you)!
Read more at https://t.co/jaGUT06njs pic.twitter.com/PJwinJ1qcE
— Waipā District Council (@Waipa_DC) September 24, 2021
Состанокот на советот од округот Ваипа трае 1 час и 44 минути и во него се зборува за влијанието на пандемијата врз туризмот во земјата. Но, по емитувањето на ова видео, тоа масовно започнало да го користат луѓе на своите работни места или во домовите со цел никој да не им смета додека се на компјутерот.
„Го пуштив овој Зум состанок на работа и изгледав како да сум зафатена, а всушност избегнував да комуницирам со стресна личност. И функционираше!“, стои во коментарот на еден од Јутјуб корисниците под видеото.
„Го користев овој состанок шест пати досега, се чувствувам како да сум дел од нивната група“ и „Се надевам никој нема да ме праша зошто сите мои колеги се од Нов Зеланд“, се дел од другите коментари.
Во коментарите можат да се најдат и ситуации кога ученици го пуштале видеото за да ги убедат родителите дека учат, или пак луѓе кои на тој начин сакале да избегнат средби со гости.
Советот на својот Јутјуб канал има објавено стотици други видеа, а најголемиот дел од нив имаат само по десетина или стотина прегледи.