Во периодот од 6 август до 23 септември во земјава се регистрирани 32.818 граѓани позитивни на Ковид-19, а од нив 22% биле целосно вакцинирани, односно 7.248 лица, додека 25.570 лица или 78% не биле вакцинирани, објави Министерството за здравство (МЗ). Инаку, за вакцинирани се сметаат лицата кои примиле две дози и од кои поминале најмалку 14 дена од примање на втората доза
„Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 80%, додека само 20% од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од 6.08 до 23.09.2021 на територија на државата починале 1033 лица со Ковид-19, 888 пациенти од починатите не биле вакцинирани, а само 14% примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас, како и пациенти кои се вакцинирале во странство со вакцини на Модерна и Џонсон“, стои во соопштението на МЗ.
Оттаму повторно укажаа на важноста од вакцинација, односно, посочија дека секоја вакцина која е на располагање е безбедна.
Дополнително, тие ги повикаа граѓаните да се вакцинираат, односно дека само така ќе се постигне колективен имунитет и ќе се спречи ширењето на мутации на коронавирусот.