Под името „Ветувања за вело иднина доаѓаат – подоцна плановите за вело иднина пропаѓаат“, иницијативата НаТочак од Прилеп во среда (29 септември) со почеток од 17:30 часот кај споменикот Александар Македонски организира нова велосипедска Критична маса.
„Нови градоначалници, нови ветувања, а стари проблеми. Најголемите проблеми се сè уште тука. Нелегално паркирање, град заробеник на автомобилите, жртви во сообраќај, жртви од загадување; седечки начин на живот, недостиг од активен транспорт, недостиг од специјалeн простор за јавен превоз, велосипеди и пешаци; недовршени велосипедски патеки; метеж, бучава, хаос, непристапност, неквалитетна средина за живеење“, велат од НаТочак Прилеп.
Тие посочуваат 10 точки кои сакаат да ги видат во програмите на кандидатите за градоначалник. Едната е град без жртви од сообраќај.
„Безбедни улици за децата, постарите, пешаците, велосипедистите, ранливите. За разлика од трендовите во другите држави во Европа, каде изминатите години драстично паѓа бројот на жртви во сообраќај усвојувајќи Визија за нула жртви од сообраќај, а кај нас изминатите години баш се зголемува. Затоа што додека развиениот свет работи на системска одговорност, тука ние сè уште навиваме за лична одговорност. Виновниците секако треба да одговараат и повеќе отколку досега, но апелирањето на лична одговорност е застарен пристап кој нема ефект“, соопштува иницијативата.
Од таму реагираат дека се прави улица која личи на автопат, а се кажува на возачот да биде лично одговорен и да вози, 30, 40, 50 км/ч.
„Отстранувате лежечки полицајци во надеж дека знакот е доволен. Не функционира никаде. Затоа, како локална власт имаме огромна одговорност да создадеме инфраструктура за посакуваното однесување. Ако сакаме безбедно и смирено однесување во сообраќајот, ќе создадеме улици кои тоа ќе го поттикнат, а ќе го оневозможат дивеењето. Ако сакаме почит во сообраќајот меѓу различните учесници, мора да им укажеме почит пред сè ние како локална самоуправа со издвојување на посебен простор (за пешаците, велосипедистите, со акцент на децата, постарите, лицата со пречки во движењето). Ако се почитувани од градските власти и од самиот дизајн на улиците, ќе бидат почитувани и од возачите. Направете град со НУЛА ЖРТВИ од сообраќај. ВИЗИЈА НУЛА, а не нула визија“, стои во најавата за новата Критична маса.