Шестото издание на фестивалот „Друга Приказна“ која го организира издавачката куќа „Темплум“, ќе се одржи на 1 и 2 октомври во Пионерскиот дом „Карпош“. Овојпат, добитник на главната награда на фестивалот ќе биде бугарскиот писател Георги Господинов. Досегашни добитници се Давид Албахари, Влада Урошевиќ, Оља Савичевиќ Иванчевивиќ, Ненад Величковиќ и Јана Бауер.
Тема на овогодинешниот фестивал се сликовниците, а мото е славната реченица на Леонардо да Винчи: „Сликата е нема песна, а песната е слепа слика“. Поднасловот на регионалниот книжевен фестивал „Друга приказна“ е „мали фикции“. Фестивалот настојува да ги афирмира експерименталните книжевни форми и средбите на книжевноста со другите медиуми.
Според фестивалската програма, во петок, со почеток од 18 часот ќе биде промовирано 93тото издание на списанието „Маргина“, а отворeна ќе биде и изложба на илустраторки и илустратори кои се застапени во списанието. На изложбата ќе може да се видат дела од Ване Костуранов, Александар Иванов, Инес Ефремова, Катерина Николовска, Ѓорѓе Јовановиќ, Ристо Аврамовски и Душица Димитровска.
Потоа ќе следи видео-обраќање на Господинов, а тој ќе чита и дел од својата омилена сликовница.
По Господинов, сликовници ќе читаат и Ана Голејшка Џикова, Никола Гелевски, Срѓан Јаниќиевиќ, Јана Јакимовска, Исток Улчар, Ѓорѓе Јовановиќ и Ангела Стојановска.
Во сабота, на 2 октомври, фестивалот ќе започне во 18 часот со промоцијата на новата едиција сликовници, кои се издадени во новата едиција „Старо купувам“, по што преку камишибаи претстава ќе биде промовирана сликовницата „Страшна ноќ“ од Славко Јаневски.
Во 19 часот ќе бидат претставени трите видео сликовници на „Темплум“, односно „Мојот чадор може да е и балон“, „Морис“ и „Мачки и глувци наопачки“.
Фестивалот ќе се затвори со разговор за илустрацијата во Македонија на која ќе учествуваат Инес Ефремова, Софија Семенпеева, Ладислав Цветковски и Никола Гелевски.