„Македонија – импулс на мултиетничноста во регионотˮ е темата на првата радио – дебата на Здружението Диверзити Медиа од новиот проект „Дебатирањето менуваˮ. Дебатата ќе биде организирана утре (3 септември) и ќе се емитува во живо на Радио МОФ од 13 до 14 часот. На темата ќе дискутираат професор Стево Пендаровски и портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.
Со оваа радио – дебата всушност почнува циклусот на 12 вакви дебати на различни теми кои ќе се емитуваат секој вторник во истото време на Радио МОФ, во периодот од септември до декември годинава.
Радио МОФ и ИДЕА Југоисточна Европа се партнери – поддржувачи на Диверзити Медиа во овој проект, финансиран од Националниот Фонд за Демократија од Вашингтон (National Endowment for Democracy (NED)). Диверзити Медиа ќе објавува и анализи од секоја радио – дебата. Тие ќе може да ги следите секој четврток на нивниот сајт.
Истовремено, партнерот ИДЕА Југоисточна Европа пак ќе се погрижи да ја „фатиˮ атмосферата на секоја радио – дебата и да овозможи видео записи од секоја од нив кои освен на сајтот на Диверзити Медиа, ќе бидат достапни и на idebate.org.
„Недостигаат конструктивни дебати помеѓу политичари, академици, интелектуалци, студенти, млади професионалци…Тоа можеби е така бидејќи земјава во последните неколку години се соочува со ситуација на подвоено општество и поради присуството на страв дека е многу негативно да се биде критичен. Затоа, решивме малку да ги „поттурнемеˮ работите. Да им дадеме можност на дебатите. Согласно нашата цел и стратешка задача како организација која ја промовира различноста и се залага за развој на медиумите во Македонија, посебно на радиото како медиум, одлучивме битката на јасната, критичка, „ЗАˮ и „ПРОТИВˮ мисла да ја водиме токму на радио“, посочуваат од Диверзити Медиа.
Повеќе за проектот може да прочитате овде, а соопштението е достапно и на албански јазик.