Во рамки на проектот „Децата од планините“, вечерва, 29 септември, ќе се одржи читачка промоција на сликовницата „Ута од планините“ во галеријата во КИЦ со почеток од 18 часот.
Читачката промоција е втор настан во рамки на проектот „Децата и планините“, по креативната работилница за деца во рамки на ЕХО фестивал на планински филм. Во рамки на проектот се планирани и други настани – уште неколку промоции на сликовницата „Ута и планините“ во други градови, како и креативни работилници за деца.
Сликовницата „Ута од планините“ е по текст на Тефта Кељменди, а илустрациите се на Катерина Николовска.
„Ута од планините“ е приказна за едно храбро девојче со големи соништа да се искачи на највисоките врвови на светот. Приказната на Фљутура, која со своите волшебни очи како две ѕвездички го осветлуваше светот околу неа. Со промената на годишните времиња, таа облекуваше фустанче во боите на тоа годишно време и секогаш со насмевка ги поздравуваше бескрајните убавини на природата. Нејзиното име значеше „пеперутка“, но нејзиниот сакан дедо ја викаше Ута и таа го задржа тоа име до денес. Со него стана позната низ целиот свет“, објаснуваат од организацијата.
Во мај 2017 г. Ута Ибрахими стана првата жена од албанска националност што се искачи на Монт Еверест, на 8.848 метри. До 2020 година таа искачи пет врва над 8.000 метри и нејзината цел е да продолжи да се искачува на преостанатите 14 врва над 8.000 метри и да шири позитивна енергија на луѓето од целиот свет.
Преводот на македонски јазик е на Алида Муча.
Настанот ќе се одржи според сите протоколи и актуелни мерки за заштита од Ковид-19, според кои ќе може да се присуствува само со сертификат за извршена вакцинација, односно применa најмалку една доза вакцина или сертификат за прележан Ковид-19 во изминатите 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето. Мерките важат за сите лица над 18-годишна возраст.
Дополнително, бидејќи настанот ќе се одржи во галеријата во КИЦ, ќе важат и мерките за задолжително носење маска во затворен простор, како и сите протоколи за физичка дистанца.