Трим патеката крај пругата во Кисела Вода да се прошири и да се исцрта велосипедска и пешачка патека, а Расадник да добие урбана градина. План за селекција на отпад и целосно расчистување на депониите долж кејот на Вардар во Карпош. Подземни контејнери позади ТЦ „Бисер“ и енергетска ефикасност за паркот со светилки во Аеродром. Во паркот во Чаир да се поправи фонтаната, што со години е нефункционална, додека во Припеп да се постават сончеви панели за струја на крововите на општинската зграда, болницата, училиштата и градинките. Во Куманово, пак, редовно да се инспекторира течението на река Кумановка каде често се пали отпад.
Ова се дел од предлозите што произлегоа од млади од шест различни општини, кои организацијата „Биди зелен“ (Go Green) сега со потпишување меморандум ги задолжува кандидатите за градоначалници да направат поеколошки општини.
Од „Биди зелен“ објаснуваат дека иницијативата започнала во периодот јули-август, кога т.н. млади зелени комисии спровеле прашалник „Мој предлог за зелена општина“. Прашалникот го пополниле повеќе од 550 млади луѓе, а од сите тие предлози на крајот биле избрани по 10-ина за Кисела Вода, Карпош, Аеродром, Чаир, Прилеп и Куманово.
„Младите жители имаат секое право да побараат од општината и надлежните нешто да се смени во нивната околина, маалото. Исто така, важна е и пораката до институциите се’ повеќе да ги вклучуваат младите, со цел да ги задржиме во нашите заедници. Бидејќи, знаеме дека голем проблем е одливот на мозоци, иселувањето од државата. Тоа е поради што младите не се чувствуваат задоволни во околината. Затоа, треба нивно консултирање, исполнување на нивните желби и заедничко работење за да се креираат подобри маала и заедници, во кои тие потоа ќе сакаат да живеат“, вели за Радио МОФ претседателката на „Биди зелен“, Мила Јовановска.
Генерално, вели таа, младите најмногу ги интересира зеленилото. Сметаат дека онаму каде се гради, особено каде има нови градби – недостасува токму зеленило.
„Дури нема ни површини за зеленило, се’ е паркинг и бетон. Потоа бараат велосипедски патеки. Бидејќи, многу од нив сакаат да користат велосипед за да одат во училиште или факултет, меѓутоа не се чувствуваат безбедно во сообраќајот. Па, затоа користат кола, такси или автобус. Како трето, бараат рекреативни делови во општината каде тие ќе се чувствуваат изолирани од бучава и ќе може навистина да се опуштат, спортуваат или едноставно да се дружат“, потенцира Јовановска.
Најголем дел од барањата исто беа поврзани и со селектирање на отпад. Меѓутоа, вели таа, голем дел од одговорноста и ингеренциите за овие барања се на национално ниво.
„Тоа е така бидејќи се’ уште не е добро поставен системот за селекција на отпад. Значи, само ги имаме контејнерите на ‘Пакомак’, кои се за хартија, пластика и стакло, меѓутоа не се доволно застапени. Оттука, младите од општините очекуваат повеќе постојки за селектирање отпад. Тие да бидат во нивна близина. Исто така, бараат и решавање на дивите депонии“, потенцира Јовановска.
Моментално трае процесот за потпишување меморандуми со кандидатите за градоначалници во секоја од посочените општини, кои сметале дека предлозите се возможни за реализација.
Од „Биди зелен“, пак, се надеваат дека кандидатите исто толку ќе бидат желни за имплементација на зелените барања.
„Секако дека ќе го следиме процесот. За четири години ќе видиме дали тие што ќе бидат избрани ќе го направат она што го ветиле. Поголемиот дел од барањата би требало да ги направат. Општо сме задоволни од процесот и очекувањата се големи“, посочува Јовановска.
Прво, вели таа, затоа што ова е прва ваква иницијатива, второ затоа што имало интерес од самите кандидатите и кандидатки да ги усвојат младинските предлози, и трето сметаат дека свесноста на граѓаните е веќе доволно висока, а со тоа и на локалната самоуправа.
„И администрацијата, и граѓаните се’ повеќе се свесни за важноста од зелени општини. Општини кои се пријатни за живеење, а граѓаните се вклучени во одлуки. Се’ повеќе гледаме дека ‘еко’ е ‘ин’. Се’ повеќе зборуваме за еколошки пракси и заштита на животна средина. Затоа очекувањата се големи“, потенцира Јовановска.
Таа објаснува дека целиот процес и медиумската присустност е уште повеќе да се покрене свеста, а сето ова да не застене тука.
„Не застанува со поставување неколку соларни колектори, или неколку контејнери. Туку да стане едно навистина одржливо управување и менаџирање со општината. За сите идни планови што ќе ги прават, да речат ‘како ова да го направиме енергетски ефикасно’ и ‘со помал отпечаток, односно влијание врз животната средина’. Тоа ни е целта. Да го смениме мајндсетот на самите административци, градоначалниците во општините. Прво да биде фокус животната средина, па потоа се’ останато“, констатира претседателката на „Биди зелен“.
Инаку, овие активности се во рамки на проектот „Младински Дигитален Еко-Активизам за Зелени општини“, поддржан од фондацијата Хајнрик Бол во Босна и Херцеговина. Преку брошура изработена во рамките на проектот, младите имаат можност и да научат што се зелени општини и дека постојат демократски алатки за вклучување во јавниот дискурс за да направат промена.
Бојан Шашевски