Јутјуб воведе забрана на сите видеа кои содржат дезинформации за вакцините, како нова мерка по проширувањето на нивните правила за користење.
Платформата вели дека корисниците нема да можат да објавуваат видеа во кои тврдат дека вакцините водат кон хронични несакани појави (освен оние кои се признати од здравствените власти), содржини кои наведуваат дека вакцините не ја намалуваат шансата за зараза или пренос на вирусот, како и видеа со неточни податоци за составот на вакцините.
„Ова ќе вклучува содржини кои погрешно тврдат дека одобрените вакцини предизвикуваат аутизам, рак или неплодност, или дека состојките во вакцините можат да ги следат луѓето кои ги примиле. Нашите политики не само што ќе опфаќаат специфични рутински имунизации, како оние за рубеола или Хепатитис Б, туку ќе важат и за генерални тврдења за вакцините“, велат од видео платформата.
Сепак, ќе постојат одредени исклучоци. И понатаму ќе биде дозволена содржина околу вакциналните политики, новите вакцинални тестирања, како и историските успеси и неуспеси на вакцините. Корисниците исто така ќе можат да споделуваат научни дискусии за вакцините и лични сведоштва за своите искуства, се додека тие немаат историја на промоција на вакцинални дезинформации и доколку нивните видеа се во согласност со другите политики на Јутјуб. Објавување видеа во кои се осудува, спори или се прави сатира со дезинформациите исто така ќе бидат дозволени.
Од компанијата за Вашингтон Пост изјавиле дека ги укинуваат каналите кои се поврзани со познати промотори на анти-вакциналното движење.
Меѓу суспендираните канали се најде и германскиот сервис на руската државна телевизија РТ, која според Јутјуб во континуитет ги прекршила нивните политики во однос на дезинформациите за коронавирусот. Руските власти, пак, како одговор на оваа одлука најавија дека ќе го блокираат Јутјуб во земјата, дека доколку каналите на РТ не бидат вратени на платформата, осудувајќи го суспендирањето на каналите како напад врз медиумите.
Јутјуб, како и Фејсбук и Твитер воведоа забрана за дезинформации поврзани со Ковид-19 на почетокот на пандемијата, во пролетта 2020 година. Видео платформата досега отстранила преку 130.000 видеа кои ги прекршиле правилата околу содржините поврзани со вакцините против Ковид-19, како и повеќе од милион видеа со дезинформации околу коронавирусот.