Ансамблот на НУ Народен театар-Битола вечерва (30 септември) на големата сцена „Благоја Стефановски-Баге“ премиерно ќе ја изведе театарската претстава „И коњите ги убиваат, зар не?“ работена според романот на Хорас Мек Кој, а во режија на Мартин Кочовски.
Станува збор за театарски проект, кој го пресликува периодот од големата депресија во САД и тамошната криза, најави Иван Јерчиќ, директор на битолскиот театар.
„Ликовите се во трка за подобар живот, во натпревар на издржливост, а со цел да ја освојат главната награда. Но, оваа претстава ја третира нашата генерација, луѓето родени во 70-те и почетокот на 80-те години од минатиот век, и сегашната позиција во општеството кое во последниве триесет години е во депресија и летаргија. Претставата е посветена на проблемите кои не засегаат“, посочи Јерчиќ.
Во „И коњите ги убиваат, зар не?“ настапуваат актерите Илина Чоревска, Никола Стефанов, Валентина Грамосли, Николче Пројчевски, Викторија Степановска Јанкуловска, Марија Стефановска, Филип Мирчевски, Анастазија Христовска, Живко Борисов, Здравко Стојмиров и Александар Стефановски.
Подготовката на претставата е поддржана од Министерството за култура.