Литванија и Латвија почнаа да градат ограда на границата со Белорусија, за да спречат илегални мигранти да влезат во Европската Унија (ЕУ) преку нивните надворешни граници, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
Литванија започна да гради ограда долга 508 километри, додека бодликава жица се поставува на едниот дел од границата во близина на местото Друскиникаи, објави литванската влада.
Во тек се подготвителни работи и на други делови на границата, додадоа од тамошната влада. Завршувањето на изградбата е планирано за во 2022 година, а вкупната цена ќе биде 152 милиони евра.
Во меѓувреме, во соседна Латвија исто така почнаа активности за изградба на ограда на границата со Белорусија. Како краткорочно решение, на различни делови од границата ќе биде поставена спирална бодликава жица од 37 километри.
Владите во Вилнус и Рига ја обвинуваат Белорусија дека им помага на бегалците од воените зони да стигнат до надворешната граница на ЕУ и дека со тоа сакаат да создадат миграциска криза.
Белорускиот претседател Александар Лукашенко ја предупреди ЕУ кон крајот на мај дека неговата земја повеќе нема да ги спречува мигрантите да патуваат во ЕУ, како одмазда за зајакнување на западните санкции против Минск.
Литванија, Латвија и Полска се борат со бран илегални мигранти од Блискиот Исток што ги преминуваат нивните граници, а сите три земји прогалсија вонредна состојба во пограничната зона.