Пописот на население, домаќинства и станови во Северна Македонија официјално заврши, а на него се попишале вкупно 1.832.696 лица, соопшти синоќа директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.
Дополнително на Пописот биле регистрирани 568.175 домаќинства и 837.255 станови. Симовски соопшти дека со примената на новите технолошки алатки се овозможило ефикасно следење на Пописот.
„Од опфатените објекти за живеење, 91 процент беа предмет на Попис. Сите објекти кои беа предмет на Попис беа посетени по неколку пати. Онаму каде и по неколкукратните обиди не се оствари контакт со граѓаните, тие беа повикани во седиштата на оптшините. Оние, кои и тоа не успеаја да го направат, сепак ќе бидат дел од Пописот, бидејќи се очекува да ги има во некои од базите кои ќе се користат при обработката на податоците. Така што со сигурност знаеме дека целосно и успешно го опфативме населението кое во овој момент живее во државата“, соопшти Симовски.
Тој додаде и дека во дијаспората се самопопишале 204.805 македонски државјани, најголемиот дел од нив од западно-европските држави, а многу помалку во прекуокеанските земји.
Бројот на оние кои одбиле да се попишат, според, Симовски бил минимален и дека се работи за промили, но точниот број ќе се знае кога ќе се обработуваат пријавите на попишувачите.
Податоците од Пописот 2021 ќе се обработуваат во следните шест месеци, а според Симовски, очекувањата е целосните резултати да бидат објавени до крајот на март 2022 година.
Последниот Попис во Северна Македонија беше одржан во 2002 година, кога вкупното население изнесуваше 2.022.547 лица.