Белоруските власти уапсија повеќе од 50 лица, најверојатно поради коментари на социјалните мрежи поврзани со престрелка во која беше убиен приврзаник на опозицијата и припадник на разузнавачката служба КГБ, соопшти невладината организација „Весна“, пренесува „Данас“.
Групата соопшти дека уапсените може да бидат обвинети за навреда на државни службеници и поттикнување „омраза во општеството“, за што им се заканува затворска казна до 12 години.
Белоруските власти во вторникот изјавија дека „екстремно опасен криминалец“ отворил оган врз безбедносните службеници кога тие дошле во неговиот стан, барајќи „поединци вмешани во терористички активности“.
Властите наведоа дека тогаш еден припадник на КГБ бил убиен и дека неговите колеги возвратиле и го убиле сторителот.
Белорускиот технолошки портал „Дев“ денеска објави дека убиениот цивил работел за големата ИТ компанија „ЕПАМ системи“, со седиште во САД, основана од Белоруси.
Компанијата минатата година иницираше програма за обука за белоруски ИТ работници кои останаа без работа поради поддршката на масовните антивладини протести, кои започнаа по реизборот на долгогодишниот авторитарен претседател Александар Лукашенко.