Професорите Давид Џилиус и Ардем Патапутиан се овогодишните добитници на Нобеловата награда за физиологија и медицина поради нивното откритие на рецепторите за температура и допир.
Џулиус преку користењето на капсаицинот, лутата состојка од чили-пиперките која предизвикува лута сензација, го идентификувал сензорот во завршетокот на нервите на кожата кои реагираат на топлината. Патапутиан, пак, користел клетки чувствителни на притисок за да ја открие новата класа сензори кои реагираат на механички стимуланс во кожата и внатрешните органи.
„Овие револуционерни откритија покренаа интензивни истражувања кои водеа кон забрзано сфаќање на тоа како нашиот нервен систем чувствува топлина, студ и механички стимуланси. Лауреатите ги идентификуваа критичните алки кои недостасуваа во нашето сознание за комплексната поврзаност помеѓу нашите сетила и околината“, посочија од Нобеловиот комитет.
Од Комитетот додаваат дека пред откритието на Џилиус и Патапитуан, нашите сознанија за тоа како нервниот систем ја чувствува и интерпретира нашата околина имаа основно неодговорено прашање – како температурата и механичките стимуланси се претвораат во електронски импусли во нервниот систем.
Џулиус своите истражувања ги спроведувал на Универзитетот во Калифорнија, додека Патапутиан во Истражувачкиот центар Скрипс во Калифорнија. Тие ќе поделат парична награда од околу 900 илјади евра.