Препораката од Комитетот за имунизација е освен повозрасните граѓани над 60 години, трета доза вакцина да добијат и било кој друг без разлика на возраста и без разлика дали имаат или не други хронични болести, а кои се во значаен ризик заради зголемени контакти поради видот на работното место и со зголемен ризик да заболат, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Тој истовремено посочи дека заклучно со 2 октомври. во земјава вкупно се вакцинирани 789.802 лица, додека ревакцинирани се 734.023 граѓани. Трета доза, како што додаде тој, досега примииле 329 лица.
„Анализата на бројот на позитивни, хоспитализирани и смртни случаи уште еднаш ја потврдува ефикасноста на вакцината. Околу 77% од новите случаи и 79% од хоспитализираните, со Ковид-19 се невакцинирани, дури 85% од смртните случаи во последната анализа за месец септември биле исто така невакцинирани“, рече Филипче.
Моментално, земјава располага со 260.000 дози вакцини од производителот „Фајзер“, 45.000 дози од вакцината „Синовак“, како и 100.000 дози од вакцината „Астра Зенека“, наведе Филипче.
Вакцинацијата во Скопје се одвива во седумте поликлиники, односно во две смени работат поликлиниките Букурешт, Јане Сандански и Чаир, додека во една смена работат поликлиниките во Ѓорче Петров, Драчево, Ченто и Шуто Оризари. Од петокот престана да фукционира пунктот во салата „Борис Трајковски“.