Од денеска до 6-ти ноември ќе трае рокот за пријавување на Годишниот конкурс за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2022 година. Новината е што за првпат аплицирањето ќе се одвива електронски.
Според министерката за култура, Ирена Стефоска, на овој начин ќе се стави крај на долгогодишните недостоинствени редици пред Министерството за култура.
„На последниот конкурс имавме над шест илјади пријави. Секоја поединечно, рачно се заведуваше во архивата. Секоја од тие 6.000 пријави рачно се проверуваше дали е комплетна. Потоа, секоја од тие 6.000 пријави рачно се проверуваше дали соодветствува на поставените услови по дејност и секоја пријава рачно се внесуваше во компјутер. Така минуваа 60-ина дена само за таа процедура. Сега тоа е минато и е направено во полза, пред сè, на оние што конкурираат. Она што е особено важно е дека електронската апликација ја елиминира можноста за злоупотреба, односно да се менуваат или да се додаваат документи откако е завршено пријавувањето. Со тоа го елиминираме и секој сомнеж за евентуално коруптивно однесување при овој процес“, појасни министерката Стефоска.
Според неа, електронската апликација е направена на колку што е можно поедноставен начин, додавајќи дека веќе се направени и обуки во Центрите за култура низ повеќе градови и во Скопје.
„Со оваа апликација се забрзува целиот процес, од пријавување до изготвување решение. Да напомнам дека со затворањето и испраќањето на пријавата, секој корисник автоматски добива архивски број на неговата е-адреса. Со тоа се избегнува метежот пред архивата на Министерството за култура, физичкото поднесување на документи и, што е многу важно, времето за евалуација на поднесените пријави се скратува за десетина илјади работни часови или во целиот процес се кратат два месеца поради досегашното рачно заведување на пријавите“, рече министерката за култура Стефоска.
На веб-страницата на Министерството за култура, покрај електронската апликација, објавени се и општите услови и условите за аплицирање во секоја дејност одделно, а поставено е и видеоупатство за постапката за аплицирање на македонски и на албански јазик. Апликантите, за секоја дилема или проблем при аплицирањето, можат и директно да се обратат на е-адресите на лицата за контакт, како и на телефонските броеви на вработените во Министерството, објавени на веб-страницата.
Електронската апликација за Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата е отворена од денеска, 4 октомври, од 11:00 часот, а ќе биде затворена на 6 ноември во 12:00 часот напладне.