„Инклузија на факултет воопшто нема“ – Колку УКИМ е пристапен за студентите со атипичен развој

Христијан Стојанов студира на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за да стане библиотекар. Тој сега е четврта година, како дел од помала група студенти. Во слободно време танцува и плива и освојува медали за тоа. Тој е лице со Даунов синдром.

Христијан Стојанов

Пандемијата ги погоди сите, но кризата со Ковид-19 ги исфрли на површина и проблемите со кои секојдневно се соочуваат лицата со атипичен развој, особено оние во делот на образовниот систем. Меѓу тие што ги почувствуваа овие промени беа Христијан и неговата мајка Лидија Стојанова, која му помага на својот син полесно да се снајде со лекциите.

За време на пандемијата, само една професорка одржала неколку предавања, вели мајката на Христијан.

„Нема никакво прилагодување за него. Сè зависи од тоа како професорот е расположен и што би барал за учење од него. Некои професори се повеќе расположени и знаат кој е Христијан, го испрашуваат и според неговите можности му ставаат оценка“, вели Стојанова.

Материјалите за учење, пак, ги добива претежно преку е-меил, но на пример за Светска книжевност, како што посочи неговата мајка, треба сами да наоѓаат преку интернет и на своја рака да го печатат материјалот од кој потоа Христијан учи.

Тој сака историја и ужива да открива книги, вели Стојанова. Мотивација да се запише на Педагошкиот факултет бил Александар Матовски-Цако, кој е истакнат борец за правата на лицата со атипичен развој, и пред две години стана дипломиран професор по предучилишно воспитание.

Христијан Стојанов беше меѓу танчарите со Даунов синдром од танцовото студио „Dancers United MK“ кои во 2018 го освоија првото место во пара-категорија на Светското првенство во Киелце, Полска за хип-хоп танци

„Инклузија на факултет воопшто нема“, забележа таа, додавајќи дека дел од професорите ги демотивираат, па дури им било кажано дека Христијан не може да заврши факултет.

И покрај ова, тој се интересира и сака да учи и понатаму.

„Сите оние пречки што му застануваат на патот ми се дополнителен предизвик за да докажам дека може“, вели Стојанова.

„Материјалите за учење се малку потешки за него. Професорите бараат од него како што бараат и од другите студенти“, посочи таа.

„Нема доволно услови за сите“

Според студентската правобранителка на УКИМ, Теа Мицевска, промените почнуваат од образовниот систем. Иако до неа досега официјално не стигнале поплаки, таа е свесна за проблемите со кои се соочуваат студентите со атипичен развој.

Забележува и дека нема доволно услови на сите факултети за лицата со физичка попреченост. Било да се тоа посебни патеки за лица во инвалидски колички, или да се тоа лифтовите во самите факултети.

Радио МОФ направи обиколка на кампусот на УКИМ минатата недела каде се наоѓаат Филозофскиот, Филолошкиот, Правниот и Економскиот факултет. Во моментот кога бевме присутни, лифтовите работеа, а можеа да се забележат и рампи за влез во секој од факултетите.

„Свесни сме дека можеби станува збор за група на факултетот која би била малцинство во однос на останатите студенти, меѓутоа тоа во никој случај не значи дека и овие студенти не треба да ги остваруваат своите права подеднакво“, смета Мицевска.

Според неа, и професорите треба да покажат разбирање кон овие лица, бидејќи како што вели, треба да обезбедат колку што можат олеснителни околности, било да е тоа при земање оценки, слушање предавања, или во случаи кога предавањето е на кат, а факултетот нема лифт.

При споредба со универзитети од други држави, ги споменува опциите за воведување образовни асистенти на факултетите, како и обезбедување прилагодени учебници за овие студенти.

„Сметам дека за да се искорени дискриминацијата, пред сè треба да има едукација. Да бидат свесни сите членови на академската заедница, било да се тоа студенти, професори, администрација… што претставува дискриминација, за да не ја прават“, забележува Мицевска.

Бројот на студенти со попреченост се намалува

„Ако пред десетина години опериравме со стотина, односно педесетина активни студенти со попреченост на УКИМ, годинава според податоците добиени од Ректоратот на УКИМ има 25 активни студенти со попреченост“, вели Наташа Станојковска-Трајковска од Институт за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет.

Според бројките што ги добила од универзитетската управа, најмногу студенти со попреченост има на Филозофскиот факултет, каде студираат 9 студенти. По него е Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ со 6, Фармацевтскиот факултет со 4, Градежниот на кој студираат 2 студенти и Правниот факултет „Јустинијан Први“, Факултет за дизајн и технологии на мебел и ентериер, Факултет за земјоделски науки и храна и Факултет за електротехника и информатички технологии со по 1 студент.

Извор: Ректорат на УКИМ

Во овие бројки го нема Христијан. Станојковска-Трајковска претпоставува дека ова е поради тоа што дел од факултетите не доставиле податоци до Ректоратот за својата бројка на студенти со атипичен развој.

Според неа, бројот на студенти со попреченост се намалува поради малата мотивираност да полагаат државна матура, како и поради необезбедени услови прилагодени на потребите на секој од нив поединечно.

„Младите со попреченост бараат пристапни факултети. Факултетите од кампусот имаат и рампи и лифтови, онаму каде што нема ќе треба да се адаптира пристапот. Многу скоро ќе започне постапката за адаптација на тоалети со реализација на проектот кој факултетите ќе го имплементираат со Министерство за образование и наука со средства од ИПА фондот. Средствата се обезбедени, градежните работи беа предвидени во летниот период на 2020 година, но запреа веројатно поради пандемијата и неподготвени елаборати од страна на факултетите. Како факултет на кој е традиционално најголема бројката на студенти со попреченост, Филозофскиот факултет го изработи елаборатот за тоалетите на почеток на 2020 година, но поради немањето финансиска автономија и самостојно решавање за намената на средствата, немаше можност до сега да го реализира“, најави таа.

Посочи дека пристапноста не значи само пристап до внатрешноста. За лицата со оштетен вид, вели таа, се потребни тактилни патеки, како и релјефна табла на влезот од кампусот и на влезот на Филозофскиот факултет, како и плочки со обележја на просториите и кабинетите на професорите.

Станојковска-Трајковска ја сретнавме во библиотеката на Филозофскиот факултет каде лани во октомври беше промовирана техника и асистивни помагала наменети за студентите со попреченост.

Тие добија Брајов принтер, 3Д принтер, 2 персонални компјутери со тастатури прилагодени за студенти со засегната фина моторика, 2 колор печатачи, машинка за пластифицирање и рачен нож за хартија. Оваа техника, посочи Станојковска-Трајковска, е предуслов за функционирање на сервис за поддршка на младите со попреченост – идеја за која се залагаат години наназад.

Станојковска-Трајковска е особено горда што Филозофскиот факултет ги дигитализираше сите научни списанија, а започна и дигитализација на сите одбранети магистерски и докторски трудови од основањето на факултетот. Изработена е и онлајн МУДЛ платформа прилагодена за студентите со попреченост, која веќе се тестира меѓу нив. Покрај ова, во соработка со Здружението за дислексија Ајнштајн и компанијата Emit Knowledge  го создаде првиот кирилски фонт прилагоден на лицата со дислексија, Dyslexic FZF.

„Наша желба е сервисот за поддршка да обезбедува туторска поддршка на средношколците за мотивација за продолжување на нивното образование и помош при подготовка на државниот испит, а во програмата ќе бидат вклучени и студентите од факултетите за кои има интерес за упис од страна на средношколците со попреченост“, објасни Станојковска-Трајковска.

Но, за да биде отворен, потребно е Министерството за финансии да ја поедностави постапката за ангажирање студенти во сервисот. Поедноставувањето, истакнува Станојковска-Трајковска, може да се реализира со промена на член 8 од Законот за трансформација во редовен работен однос, поточно да се исклучи ограничувањето за високообразовни институции за 1 процент, односно право на само три договори на дело за фирма со 150 вработени.

„Законот е донесен по барање на Стопанската комора за да се спречи нелојалната конкуренција при исплата на дел од платите преку договор на дело (со давачка кон државата само со персонален данок)  но во член 8 се ограничија и факултетите да бараат согласност од Министерството за финансии за секоја исплата преку договор на дело на лица кои не се во редовен работен однос во единицата, третирајќи ги само времените вработувања, заборавајќи дека преку договор на дело се исплаќаат хонорари на професори од други универзитети, факултети, стручњаци од пракса, пензионирани професори. Со овој закон се оневозможува плаќање на студенти по редовен пат. Процедурата е долга бидејќи барањата Универзитетот ги доставува до МОН, кој ги проследува до Министерство за финансии, процедура која трае до 6 месеци, а често се случува барањата да не стигнат до конечниот потпис. Предлог на Филозофскиот факултет е за потребите на овој сервис да се изземе Факултетот“, вели Станојковска-Трајковска.

Засега не нашле решение. Во меѓувреме, бараат начин оваа идеја да ја реализираат низ проект, иако се свесни дека за трајна одржливост на еден ваков сервис може да се обезбеди само со системско решение.

Пандемијата е показател на постојните системски слабости

Истражувачките Наташа Петковска и Бојана Јовановска во јуни изработија истражување за Фондацијата за демократија на Вестминстер, во кое согледуваат како пандемијата се одразила на лицата со попреченост од самиот нејзин почеток со воведување на вонредната состојба, но и во текот на целата 2020 година. Меѓудрyгото, ги разгледуваа и влијанијата врз образовниот процес и учениците со попреченост.

Од 10 државни институции и 15 организации до кои пратиле прашалници, одговор добиле само од Министерството за образование и наука и Институтот за специјална едукација и рехабилитација и Институтот за социјална работа и социјална политика при Филозофскиот факултет при УКИМ.

Клик на фотографијата за да го прочитате целото истражување

„Учениците со попреченост се соочиле со сериозни проблеми при следењето на онлајн наставата, која во голема мера беше несоодветна и неприспособена на нив и на различните видови попреченост. Спроведувањето на наставата се одвиваше во недостиг на соодветни образовни помагала, односно немање потребна техничка опрема за следење на наставата, како и недостиг на соодветна поддршка за следење на наставата (образовен асистент, специјален едукатор и сл.)“, вели Петковска.

Од МОН, пак, добиле одговор дека на учениците со попреченост им биле овозможени истите услови за образование како и на останатите ученици. Сепак, ова тврдење според Петковска оди во насока на тоа дека не се земаат предвид различните потреби на различни групи ученици, односно, дека не секогаш истите услови за образование се соодветни за сите ученици.

„Уште еден загрижувачки проблем е тоа што инфраструктурата, вклучително и дел од високообразовните институции на УКИМ (во целост или делумно) не одговараат на потребите на лицата со попреченост, спротивно на обврската за соодветно приспособување. Еден пример се физички непристапните (за студентите со попреченост) ходници на факултетите, каде што се одржуваат студентските форуми. Високообразовните институции немаат достапни толкувачи на знаковен јазик за лицата со оштетен слух. Објектите не се обележани со Брајово писмо, ниту, пак, значајните информации поврзани со услугите се достапни на Брајово писмо. Воедно и веб-страниците на факултетите при УКИМ не се приспособени на различните категории лица со попреченост“, забележува Петковска.

Се бара слух од надлежните

Студентската правобранителка Мицевска смета дека државата треба да покаже дека е подготвена да пружи еднакви услови на сите граѓани на државата, бидејќи сепак, УКИМ е државен универзитет.

Најави дека во моментов изработуваат Прирачник за заштита од дискриминација кој ќе биде на ниво на Универзитетот. Во него ќе има анонимни сведоштва за дискриминација што навистина се случувала на Универзитетот. Покрај ова, ќе бидат објаснети кои се основите за дискриминација, кои се механизмите за да се заштитат студентите од дискриминација, како да ја препознаат.

„Јас се надевам како Универзитетот, така и факултетите, па и Министерството за образование и наука, нема да ги остават овие прашања да постојат неодговорени. Сметам дека треба во иднина повеќе да се работи на еднаквост, на инклузија во нашето општество, бидејќи се започнува од самиот образовен систем. Ние сме производи на образовниот процес“, забележа Мицевска.

Според Станојковска-Трајковска од Институт за специјална едукација и рехабилитација, пак, треба да има поголема соработка на единиците на УКИМ.

„Компетенциите кои ги поседуваат наставниците од Институт за специјална едукација и рехабилитација и студентите на оваа студиска програма треба да се искористат за подобрувањето на условите за студирање и студентскиот живот на младите со попреченост. Содржините кои подразбираат пристап базиран на човекови права со фокус на попреченоста, универзален дизајн, стратегии за подучување на ученици со различен вид и степен на попреченост, знаковен јазик, Брајово писмо и сл. треба да бидат предмет на заеднички интерес на наставниците и студентите и на другите единици на УКИМ“, смета таа.

На ова се надоврзува и Петковска, која верува дека итно е потребно да се напушти ставот за индивидуалната оневозможеност на лицата со попреченост и фокусирање на општествените бариери што оневозможуваат тие целосно да ги уживаат своите права и слободи. Според неа, стандардите предвидени со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост треба доследно да се почитуваат.

„Поконкретно, неопходно е да се приспособат наставните програми на потребите на учениците и да се развиваат индивидуални планови за работа со нив; наставата да се спроведува соодветно на потребите на лицата со попреченост и специфичните потреби на учениците (на пример, приспособување на наставата на лицата со сензорна попреченост преку ангажирање толкувач на знаковен јазик); да се обезбеди соодветна асистивна технологија и образовни помагала за учениците со попреченост што имаат потреба од нив; да се обезбедат образовни асистенти за работа со децата во домашни услови“, предлага таа.

***

Во меѓувреме, Христијан продолжува со своите студии, со секојдневни желба за иднината како на пример да работи во ресторан бидејќи обожава готвење, но и да научи да вози автомобил. Неговата мајка, пак, само посакува неговиот труд да биде вреднуван.

„Да се подобри образованието во насока за прилагодување на материјалот за учење и поголем слух од страна на професорите, за нивните способности и можности“, посака Стојанова.

Емилија Петреска