Американски судија го блокираше законот со кој скоро целосно се забранува абортусот во Тексас, па иднината на законот е неодредена, пренесува „Гардијан“.
Законот кој е познат под името „Сенатски предлог 8“ ги забранува абортусите во втората најнаселена американска држава.
Вчерашната одлука која произлегува од предизвиците поставени од администрацијата на Бајден, ја спречува државата да го воведе законот поддржан од републиканците. Но дури и под моменталната блокада, клиниките за абортус не можат да ја извршуваат процедурата, бидејќи докторите се плашат дека ќе бидат осудени.
„Денешната судска одлука е важен чекор кон враќање на правата на жените во Тексас. Борбата само што почна, не само во Тексас, туку и во другите американски држави каде женските права моментално се под ризик“, изјавила во соопштение генералната секретарка за односи со јавноста во Белата куќа, Џен Псаки.
Тексашкиот закон кој беше потпишан од републиканскиот политичар Грег Абот во мај годинава, ги забранува абортусите откако фетусот ќе има срцеви отчукувања, состојба што започнува во шестата недела од бременоста, која најголем дел од жените уште не знаат дека се бремени. За да го воведе законот, Тексас дозволи и граѓански пријави од цивили, па така медицинските работници се под ризик од пријави.
„Државата не може да ги забрани абортусите по шестата недела. Тексас го знаеше ова, но сепак продолжи со имплементирање на законот, а државата го усвои и граѓанското пријавување на медицинските работници и другите лица кои можат да им помогнат на жените да го остварат своето право на абортус“, изјавил Брајан Нетер во Уставниот суд во петокот.
Во образложено решение долго 113 страни, судијата Роберт Питман вели дека републиканските законодавци „смислиле невидена законска шема“ со која на пациентките им го забрануваат нивното уставно право на абортус.
„Од моментот кога законот беше воведен, жените незаконски се спречени да раководат со своите тела и животи, на начини кои се заштитени од уставот. Останатите судови може да го игнорираат ова решение, но овој суд нема да продолжи со навредливата забрана на толку важно право“, напишал Питман, кој бил поставен за судија од поранешниот американски претседател Барак Обама.
Клиниките кои нудат абортус велат дека по воведувањето на законот се оствариле нивните најголеми стравови. Од „Planned Parenthood“ изјавиле дека бројот на тексашките пациентки во нивните клиники се намалил за 80 отсто по воведувањето на законот.