Филмот „Тука сум“ на младиот автор Стефан Божиновски предизвика големо внимание кај средношколците што учествуваат на „Џифони Македонија“ вчера во киното „Фросина“. Дебитантскиот краток филм на Божиновски, кој е студент по графика на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, ги поттикна филмофилите да разговараат на темата која беше во фокусот на филмот: неприфаќање на различностите и стереотипите што владеат посебно во самите семејства каде што има лице со различна сексуална определба.
Главните улоги во филмот чија премиера се случи минатата недела, ги толкуваат Тања Кочовска, Предраг Павловски и Мартин Ѓоргиев.
„Сакам да комбинирам различни медиуми во моите дела. Сценариото за „Тука сум“ го развивав една година, во рамки на проект и за среќа успеавме да најдеме средства за да го снимиме. Со филмот сакав да зборувам за проблематика која во нашето општество е табу. Прикажана е општа архетипска приказна во која мислам дека секој ќе се најде. Филмот е снимен во два дена. Беше прекрасно исксутвото да се работи со професионални актери, на почетокот тоа ми претставуваше и по малку стрес, зашто сакавме да оставиме убав впечаток. Многу се радувам што ви се допадна филмот“, рече Божиновски.
Веднаш по презентацијата на „Тука сум“, следуваше средба со „Марви продакшн“, продукциска куќа на група ентузијасти, некогашни џифонци, кои во последните неколку години снимаат филмови и серии. Тимот го предводи младиот режисер Мартин Чичовски кој заедно со Оливера Каменаровска зборуваше за нивниот последен проект „Другата страна“ . Станува збор за филм на менет за деца, жанр што кај нас е многу малку застапен.
„Снимањето на овој филм беше интересно искуство, пред сè зашто сценариото го пишувавме заедно онлајн, во време кога Оливера се наоѓаше во друга временска зона. Филмот моравме да го снимаме за еден месец, наместо за три, зашто пандемијата си го направи своето. Идејата на филмот е да се зборува за тоа дека децата треба да се среќни“, раскажаа Мартин и Оливера.
Тие потсетија и на нивната серија „Тремор“ на која работат скоро три години, а ќе започне да се прикажува во мај 2022.
„Сè започна овде на „Џифони“ во 2017 година. Сите сакаме странски ТВ-серии, но ние решивме да снимиме нешто македонско со наши македонски приказни. Се мачевме за финансии, но во еден момент ни помогна Делегацијата на ЕУ во Скопје, со проектот „ЕУ за тебе“ и тоа ја олесна работата. Сè уште снимаме `Тремор`“, вели Чичовски.
На третиот ден од Фестивалот учесниците го гледаа вториот игран филм во нивната натпреварувачка категорија, како и кратки и анимирани филмови, а на креативните работилници продолжија да работат на овогодинешните проекти.
На програмата за денес е третиот работен ден од фестивалот со кратки и долгометражни филмови и работилници. Во попладневните часови ќе се прикаже краткиот филм „The Cell“ на Леона Јариќ, активна учесничка на Џифони. Режисерката Ана Андонова ќе гостува со филмот „Лили“, документарец за животот на азербејџанскиот небинарен квир артивист Лили, кој преку својата уметност зборува за фемицид, родова еднаквост и насилство врз жените и транс лицата.
Како дел од програмата „Џифони плус“, во Кинотеката во 19 часот ќе биде прикажан филмот „Cocoon“ во режија на Леоние Крипендорф.
Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од македонската Агенција за филм и Министерството за култура, Град Скопје, партнерот од Италија – „Џифони Експиериенс“ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Фото: Џифони Македонија