Десетици илјади Полјаци вчеравечер излегоа на улиците за да го одбранат членството на земјата во Европската Унија, по одлуката на полскиот Уставен суд во петокот со кој се оспори приматот на европското право, пренесува „Н1“.
Оваа одлука, која не ја признава превласта на европските закони над полските, може да биде првиот чекор на патот кон излегување на Полска од ЕУ.
Полјаците се мобилизираат против идејата за „Полегзит“, на повик на лидерот на опозицијата и поранешен претседател на Европскиот совет, Доналд Туск.
„Десетици илјади луѓе во Варшава и во повеќе од сто полски села и градови дојдоа да протестираат против она што владата и го прави на нашата татковина“, рече тој, обраќајќи се пред големото мноштво во главниот град преплавен од европски знамиња.
Претходно истиот ден, тој ги повика сограѓаните да ја „одбранат европска Полска“.
„Мораме да ја спасиме Полска, никој нема да го стори тоа за нас“, додаде Туск на Твитер.
„Тука сум затоа што се плашам дека ќе ја напуштиме ЕУ. Ова е многу важно, особено за мојата внука“, рече Елзбиета Моравска, која беше дел од протестот.
„Велика Британија неодамна ја напушти ЕУ и тоа е трагедија. Ако Полска замине сега, тоа ќе биде трагедија“, оцени Александар Виниарски, студент во Англија.
Полска и други земји од Источна и Централна Европа се приклучија на ЕУ во 2004 година. Членството во ЕУ и понатаму е многу популарно ако се верува на анкетите, но врските меѓу Варшава и Брисел нагло се влошија откако популистичката партија Право и правда дојде на власт во 2015 година.
Несогласувањата се однесуваат судските реформи кои полската влада сака да ги спроведе, а ЕУ проценува дека тоа ќе наштети на независноста на судството и ќе доведе до слабеење на демократските слободи.