Доколку во летниот период планинарите во пехчевскиот регион „Јудови ливади“, ќе стигнете до природното живеалиште на растението Drosera rotundifolia попознато како округлолисна муволовка, или пак народски кажано росјанка.
Растението кое се сретнува на Малешевските планини се разликува од останатите по тоа што наместо од почвата, се храни со инсекти. Радио МОФ разговараше за муволовката со професорката по биологија Верица Арнаутовска од „Едукативниот Центар – Негрево“ и Наталија Ангелова, биолог од Македонското еколошко друштво (МЕД).
„Патот до природното живеалиште на росјанката започнува од патеката на Едукативниот центар во село Негрево во Пехчево, која е долга два километри“, раскажува професорката по биологија.
Токму пехчевскиот регион, засега е единственото место во земјава каде вирее муволовката. „Едукативниот Центар – Негрево“ пак е еден од главните промотори на растението, бидејќи, како што вели професорката, малкумина слушнале за реткото растение. Најмногу го има во месноста „Јудови ливади“, на долните текови на Пехчевска Река и Еленско Блато.
Арнаутовска објаснува дека округлолисната муволовка е инсектојадно растение, односно се храни со инсекти кои се привлечени од светлоцрвената боја на листовите на кои се наоѓаат бројни тенки влакненца облеани со капки од желатинозна материја.
„Растението лачи ензими и од фатените инсекти ги искористува нитратите и другите хранливи материи. Округлолисната муволовка се приспособила да се исхранува на овој начин поради малата количина на хранливи материи што се наоѓаат во почвата на тресетиштата – станишта со тресетен мов (Sphagnum sp.)“, вели Арнаутовска.
Drosera rotundifolia и зошто треба да се истражува повеќе
Иако муволовката не е ендемит, туку како вид е присутна во Европа, Азија и Северна Америка, Ангелова од МЕД апармира дека е ретко растение кај нас кое мора да се води грижа, за да не го загубиме. Таа појаснува дека муволовката се адаптирала да живее на сиромашни почви и да се храни со различни ситни инсекти. Оттука, храната што останатите растенија ја добиваат од почвата, таа ги екстрахира од инсектите со помош на ензими што ги содржи во жлездестите влакна на листовите. Овие жлездести влакна лачат леплива слузница и личат на капки роса. Па така, таа и има и друго народно име росјанка.
„Имаат јака црвена боја, што ги прави доста приметливи бидејќи се опкружени со зелените стебленца на сфагнумот. Не постои научен податок дека инсектите се привлечени од црвената боја на жлездестите влакна. Кога инсект ќе застане на ламината од листот, веднаш е во стапица. Движењето на инсектот, предизвикува движење и на листот на муволовката, па така „жртвата“ брзо е заробена во лепливите жлезди. Инаку, муволовката има нежен корен, но сепак е повеќегодишно растение. Во цвет може да се види од јули до август, а се размножува и полово (генеративно) и безполово (вегетативно)“, вели биологот од МЕД.
Освен муволовката, таа споделува дека на територијата на Македонија постојат и други инсектојадни претставници од родовите на Utricularia, Aldrovanda, Pinguicula. Оттука, дополнува, кога станува збор за флористичките истражувања – треба да се истражува сè повеќе.
„Преку проектните активности, всушност се открија и новите локации каде вирее дросерата. Пред тоа се знаеше само за „Јудови Ливади“. За среќа, во Македонија сè уште има тресетишта и други типови влажни живеалишта кои се особено ранливи на актуелните климатски промени. Сите тие кријат по нешто и треба да се истражуваат, со што само ќе се докажува дека се од извонредна природна национална, па и меѓународна вредност. Ние сме направиле мониторинг и на други места во Македонија каде има тресетишта со сфагнум, но дросера засега не сме пронашле на друго место, освен во околината на Пехчево“, вели таа.
View this post on Instagram
Ангелова истакнува дека на земјава и се потребни млади ботаничари кои кои ќе работат на систематско истражување и мониторинг на ретки видови растенија.
„Секое заштитено подрачје мора да спроведува редовен мониторинг на клучните видови за да може да се реагира доколку демне некоја опасност по нивниот опстанок. Тоа треба да биде пракса и за идното заштитено подрачје од Малешевијата“, нагласува таа.
Едукација кај локалното население и зачувување на живеалиштето
Пределот каде расте муволовката е заштитен, постојат и веќе пропишани мерки за зачувување и заштита на растението и неговото живеалиште – треба само да се почитуваат и спроведуваат правилно и навремено. За овој процес да се развива без пречки, исклучително е важна едукацијата на локалното население бидејќи ваквите ретки видови се поврзани со специфични живеалишта и тесно распространување.
Според заклучокот на МЕД од досегашната работа, локалното население е генерално свесно, па и се гордее со муволовката. За нејзиниот опстанок важно е да се зачува водниот режим на тресетиштата, бидејќи доколку човекот ги уништи, автоматски ќе се уништи и популацијата на дросерата и сфагнумот.
Муволовката освен што е ретко растение, таа поседува и лековити својства, па е барана и од фармацевтските компании. Ангелова објаснува дека таа се јавува во составот на неколку комерцијални лекови што се продаваат, а се користат за лечење респираторни болести.
„Во секој случај, во Македонија нема ни приближно услови да се собира дросера од природа за медицински цели. Ова диво растение е премногу ретко кај нас и е строго забрането неговото собирање за било какви цели“, вели таа.
Ако сте љубопитни – правец во природа!
Во време кога инсектојадните растенија стануваат популарни кај помладите генерации, кои сè повеќе го усвојуваат градинарството, Ангелова предупредува дека ниедно диво растение не смее да се собира со корен.
„Очекувам да се појават љубопитни луѓе кои би сакале да видат како се однесува тоа инсектојадно растение и ќе сакаат да го соберат и да го пресадат дома. Но, како прво, скоро и да нема никакви шанси тоа да успее и како второ и многу битно: ако сте љубопитни и сакате да набљудувате и истражувате, правец во природа. Можете да поминете еден ден кај Јудови Ливади и да набљудувате како дросерата ќе исцица некое пајаче. Интересно е, поучно е и попатно ќе видите и други цвеќиња, пеперутки, птици, жаби и желки“, порачува таа.
Ивана Смилевска