Анимиран филм, дискусии и музика на „Омнибустопија 3“

На 15 и 16 октомври ќе се одржува третото издание на „Омнибустопија“, која поради пандемијата наместо во мобилен културен простор (автобус на ЈСП), сега ќе биде паркирана на друга „автобуска постојка“ – поткровјето на клубот „Јавна соба“.

„Втората, побитна разлика од минатите години, е тоа што овој пат „Омнибустопија“ за првпат ќе се одвива во тек на два дена“, велат организаторите од „Аксиома“ – Асоцијација за културна соработка и истражување, зад која стојат Вангел Ноневски, Јордан Шишовски и Владимир Лукаш (воедно и дизајнер на каверот за настанот).

Во продолжение програмата за „Омнибустопија 3“

15 октомври, петок:

20:00
„The Cook, the Thief and the Fish wishes the Sid Vicious’s wishes/The Cow, the Drummer and Joe Strummer hang the Farmer и Once upon a time in the west, Joey Ramone flew over the Cuckoo’s nest/Mother, I’m your father, I’m your sister, brother, I’m your mother“ е краток постапокалиптичен диптих од визбата на ДЖ! ДЖ! ПРОДАКШН. „The Cook… “ е очаен и развратен, бизарен и мизерен, мрачен и невкусен, подмолен и прекрасен, сјаен и радосен, непофаллив и ненаградлив, отровен и несварлив, краток анимиран филм на Вук Митевски и Владимир Лукаш.
„Апачи алапачи“ e саундтрак за книгата „Микромонографија за отпадниците од светот на анимираниот филм“, во кој/а учествуваат Владимир Лукаш, Ѓорѓе Јовановиќ, Јордан Костов и Никола Дрвошанов.
21:00
Јавна дискусија за архитектонската, (мулти)културната и интелектуалната артикулација на јавниот простор. Модератор на дискусијата ќе биде д-р Јордан Шишовски, професор по теорија на архитектура, а учесници ќе бидат архитектите Бекир Адеми, претставник на Македонија на Венециското биенале за архитектура во 2021 година, и Никола Стрезовски.
22:00
Концерт на бендот Palindrom, музички состав кој изведува хибриден, експериментален, инструментален, пост рок стил, во невообичаена постава: Ерик Омерагиќ (бас гитара), Филип Поповски (бас гитара) и Кристијан Новковски (тапани). Досега имаат издадено еден албум (Desert Y, 2017 година) и едно EP (Coalesce, 2014 година).

16 октомври, сабота:

20:00
Јавна дискусија со наслов „Хип хопот стана средовечен. Што му претстои во ‘староста’?“. Модератор на дискусијата ќе биде д-р Вангел Ноневски, а учесници ќе бидат истакнатите хип-хоп артисти Ристо Солунчев (од Чиста околина) и Гоце Трпков (попознат како DJ Гоце).
21:00
Концерт на џез квартетот Taxi Consilium: Филип Букршлиев (гитара), Благојче Томевски (бас кларинет), Андреа Мирческа (контрабас) и Драган Теодосиев (тапани). Нивниот албум “The Essential Sunday Gloom” беше избран за еден од најдобрите џез албуми според Bandcamp за месец мај 2021 година. Доколку ја пропуштивте нивната неодамнешна промоција на деби албумот, ова ќе биде одлична можност да го надоместите тој пропуст.
22:00
Ди-џеј сет на DJ Гоце. „Омнибустопија III“ ќе се затвори со диџеј сет на најдобриот диџеј и продуцент во Македонија, кој досега ја делел сцената со голем број светски познати имиња и кој е најбараниот хип хоп продуцент во регионот.

Настанот е поддржан од Министерството за култура. Тој ќе се одржува според постоечките протоколи и стандарди за одржување на јавни настани заради состојбата со пандемијата, односно, за влез на настаните ќе треба да се приложи сертификат за вакцинација.