Леона Змајшек, Ана Ангеловска и Стефан Јошески се средношколци запишани во три различни училишта во три македонски градови, Скопје, Делчево и Прилеп. Она што ги поврзува е дека тројцата се запишаа прва година средно, во учебната 2021/2022. Специфично за нив пак е дека по една и пол година следење настава од дома, од прво септември повторно се вратија во училишните клупи, но во нови училишта и со нови соученици.
Леона се запиша за СУГС „Орце Николов“ во Скопје бидејќи смета дека е највисоко рангирано средно училиште со долгогодишна традиција и успех. Леона вели дека во училиштето, се почитуваат и запазуваат сите пропишани протоколи со оглед на епидемиолошките мерки.
„Генерално се обрнува повеќе внимание на личната и колективната хигиена, се запазува растојанието меѓу учениците и наставниците и задолжително се носат маски во текот на наставата во затворен простор. А како протокол е воведено мерење температура и дезинфекција на рацете при влегување во училиштето “, вели таа.
Додава дека е задоволна е од моменталниот начин на учење со физичко присуство, бидејќи минатата година најмногу и недостигало дружбата со своите врсници.
Но оваа среќа ја немаше средношколецот Стефан, поради тоа што годинава ја започна онлајн бидејќи неговото средно училиште се реновираше. Тој се запиша во гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп зошто смета дека таа ги исполнува сите услови за да ја оствари својата желба за природните науки.
„За време на онлајн наставата, најмногу од се ми фалеше другарството. Речиси никогаш за време на карантинот не успевавме да се видиме со другарите. Најголемите промени што ги забележав кај мене за време на онлајн наставата, беше тоа што наместо да станувам половина час пред да започне првиот час, станував 5 минути пред да започна часот. Но, моето секојдневно функционирање не е променето“, вели Стефан.
Ана, ученичка од „ММ Брицо“ од Делчево, пак споделува дека долго размислувала каде да продолжи средно образование, па се запишала на математички смер во гимназиска насока. Таа вели дека е среќна што тргнаа на настава во училница, но забелеѓува дека е потребна подобра организација, но и одговорност кај граѓаните.
„Мислам дека вака е подобро, но имаме ниско ниво на организација и уште пониско ниво на самосвест, пред се за нашето здравје не сме самите доволно одговорни, а со тоа ги изложуваме останатите на опасност“, вели таа.
Ана забележува дека карантинот им ја ограничи физичката активност и забавата со врсниците, па смета дека целата пандемија влијаела силно на неа и на нејзиниот карактер.
Училишниот психолог Ана Попризова од СУГС „Орце Николов“ во Скопје вели дека преминот од основно во средно училиште е сложен бидејќи учениците се подложни на значајни когнитивни, социјални и емоционални промени во оваа фаза од нивниот развој. Поаѓањето во средно, Попризова го поврзува со периодот кога младите се стремат кон поголема автономија и стануваат посвесни за себе, како и за сопствените недостатоци. Оттука, забележува таа, ова е периодот на значителни промени.
„Истражувањата покажуваат висока корелација помеѓу транзицијата, добросостојбата на учениците и училишниот успех. Некои ученици се чувствуваат особено ранливи во прва година, стресот е многу изразен, а тоа предизвикува и здравствени проблеми (пад на имунитет) и проблеми со училишниот успех (слаба концентрација, намалена мотивација, емотивни проблеми и сл),“ изјавува Попризова.
Таа додава дека поаѓањето во ново училиште ги става учениците пред предизивик.
„Како ќе се адаптирам? Дали ќе создадам нови пријателства? Како ќе бидам прифатен во новата паралелка? Каков училишен успех ќе постигнам? Какви ќе ми бидат првите одговори и оценки? Дали ќе имам доволни предзнаења? Каков контакт ќе направам со наставниците? Каков впечаток ќе оставам кај наставниците? Ова се само некои од прашањата кои секојдневно си ги поставуваат учениците во прва година“, додава психологот.
Исто така ги споменува моментите како ново училиште, нова локација, патување до училиште, училишната околина. Ова, додава, значи поголемото ниво на предизвик и стрес бидејќи овие ученици го завршија деветто одделение со учење на далечина.
„Секоја личност има различни капацитети и начини на адаптација во новата средина. И секоја личност има различни вештини за справување со стрес. Така и учениците, некои полесно, некои потешко ќе се адаптираат на овие промени. Многу е значајно учениците да преземат одговорност за себе и да работат на успешна адаптација преку проактивен пристап. Да не бидат пасивни набљудувачи и да очекуваат околината да ги вклучи, туку да преземат самите чекори за вклучување, справување со стресот и сл.“, вели таа.
Оттука, за полесно снаоѓање на новите средношколци дава десет препораки:
Излезете надвор од вашата зона на конфор. Вклучете се во нови активности и разговарајте со соучениците што седат покрај вас на час.
Започнете разговор додека го напуштате часот и одите на одмор или да купите храна заедно.
Најдете група ученици кои ги споделуваат вашите интереси без разлика дали се музика, видео игри, спорт или сл. Започнете разговор околу вашиот заеднички интерес и од ова може да се развие пријателство.
Организирајте или вклучете се во активности кои се организираат во паралелката или училиштето.
Излезете во кафуле со новите соученици.
Комуницирајте со класните и предметните професори за сите прашања и нејаснотии кои ги имате.
Направете добра организација на време за учење и побарајте помош доколку немате доволни предзнаења по некој предмет.
Во секое училиште има стручна служба (педагог и психолог) на која можете да и се обратите за помош.
Следете како се чувствувате и научете начини за справување со стрес (здрава исхрана, доволно спење, техники на релаксација, физичка активност, техники за дишење и сл.)
Разговарајте со блиски луѓе во кои имате доверба за тоа како се чувствувате или побарајте совет.
Станиша Станковиќ