Еден од секои пет видови птици во Европа е загрозен или скоро загрозен од исчезнување

Еден од секои пет видови птици во Европа е загрозен или скоро загрозен од исчезнување, а еден од секои три има намалена бројност. Дополнително, пет вида птици се регионално исчезнати, додека 71 вид птици или 13 отсто се загрозени. Исто така, морските, шумските, крајбрежните и грабливите птици се најзагрозени и нивните популации најбрзо опаѓаат во Европа.

Во меѓувреме, најзагрозени хабитати се обработливите и морските површини, како и мочуриштата и ливадите. Ова го покажуваат податоците од Европската црвена листа на птици за 2021 година која ја објави „BirdLife International“, соопшти Македонското еколошко друштво (МЕД).

Црвената листа, како што велат од МЕД го анализира ризикот од исчезнување на 544 видови на птици во повеќе од 50 земји од Европа. Оваа листа, тие додаваат дека ги следи категориите и критериумите на црвените листи на Меѓународната унија за зачувување на природата и сите птици имаат пресметан ризик од, како што велат, исчезнување помеѓу „најмалку засегната“ до „исчезната“.

„Македонија учествуваше во изработувањето на оваа листа преку експертскиот ангажман на Македонското еколошко друштво (МЕД). Теренските истражувања беа направени од домашни и странски орнитолози, како и волонтери на МЕД. Објавата на оваа листа е темпирана да се совпадне со неделата во која Конвенцијата на биолошка разновидност на ОН го дискутира новиот план за соочување со кризата на дивите животни во светот. Птиците се едни од најчувствителните животни и затоа се идеалните индикатори за разбирање на промените во животната средина. Кога птиците се загрозени тоа значи дека и ние сме загрозени“, се вели во соопштението на МЕД.

Главните наоди од истражувањето за земјава пак, се намалувањето на популациите на полската врана, црновратиот нуркач и потполошката и стабилизирање на популацијата на рибарчето.

Дополнително, наодите од Црвената книга укажуваат дека најголемите закани за птиците во Европа се пренамена и деградација на голем дел од земјиштето, инвазивни земјоделски практики, прекумерно искористување на морски ресурси, загадување на копнени води, како и неодржливи шумарски практики и неодржливо развивање на инфраструктура

Од МЕД додаваат дека иако наодите на новата Европска црвена листа се загрижувачки има и добри вести кои покажуваат дека, како што објаснуваат, соодветно насочени активности за зачувување на птици може да ги вратат популациите на одредени птици, но и дека добро развиени интервентни земјоделски практики можат да спречат исчезнување на птици од обработливите површини.

„Резултатите од овие истражувања покажуваат дека неуспешно управуваме со нашата земја и вода. Европа треба да го води светот кон зачувување и обновување на природата, но за да се случи тоа ние мораме да ја трансформираме нашата економија. Оваа трансформација мора да започне ВЕДНАШ, во Декадата на еколошката обнова, како што ја нарекоа Обединетите Нации“, вели Мартин Харпер, Регионален Директор на BirdLife за Европа.