Вкупно 24 плакати ќе бидат претставени на изложба во рамки на Скопскиот џез фестивал. Креативните решенија за плакат според организаторите се најдобрите во историјата на фестивалот.
Тие ќе бидат изложени во понеделник (18 октомври) во Галерија МКЦ, со почеток во 19 часот.
Инспирација за оваа изложба бил плакатот на Славимир Стојановиќ Футро за годинешното, јубилејно, 40. издание на фестивалот. Куратор е Небојша Гелевски – Бане.
„Малку познат факт е дека Скопскиот џез фестивал е македонски бренд со убедливо најголем број значајни награди (преку четириесет) на светските маркетиншки фестивали (вклучувајќи и „Гранд при“ на најпознатиот, во Кан). Визуелниот идентитет на Скопскиот џез фестивал му обезбеди препознатливост и исклучителен рејтинг во светот. Не само со плакатите, туку и со видео клиповите (анимираните или оние работени на филмска лента), со монографиите, програмските каталози и со календарите – единствени во светот од тој тип“, велат од фестивалот.
Тие се заблагодаруваат на сите дизајнери и агенции со кои ја граделе визуелната историја на фестивалот.