Туркменистан, чиј авторитарен лидер тврди дека централноазиската држава не регистрирала ниту еден случај со коронавирусот, тајно регистрирала околу 25.000 смртни случаи поврзани со болеста од почетокот на пандемијата, тврди извор од здравствениот систем за „Радио Слободна Европа“ (РСЕ).
„Иако бројот на починати од коронавирусот не е објавен, секој ден се известува до Министерството за здравство од провинциите“, вели изворот за РСЕ.
Поранешната советска република која е дом на речиси 6 милиони луѓе, е една од најмалку пет земји што немаат пријавено случаи на коронавирус, според податоците од Универзитетот Џон Хопкинс и Светската здравствена организација. Три од нив се изолирани острови во Пацификот, а четвртата е Северна Кореја.
Претседателот на државата Гурбангули Бердимухамедов кој владее од 2006 година, ги отфрли извештаите за Ковид-19 во земјата како „лажни“ и им порача на Обединетите нации во неговото обраќање во септември, дека одговорот на пандемијата не треба да се „политизира“.
Изворот од здравствениот систем рече дека бројот на вистински смртни случаи поврзани со Ковид-19 е веројатно поголем од 25.000, истакнувајќи дека регионалните здравствени работници го минимизираат обемот на пандемијата.
„Регионалните власти се плашат и го намалуваат бројот на жртви што се пријавува во центарот“, додава изворот.
Североисточната провинција Лебап и југоисточната провинција Мери станаа жаришта на Ковид-19, додаде изворот.
И покрај негирањето дека болеста постои во земјата, Туркменистан воведе строги ограничувања во областите каде што е пријавен голем број луѓе со симптоми слични на коронавирусот.