Ентузијазмот во првите месеци од годинава во врска со масовната вакцинација беше таков што Србија во март беше прва меѓу европските држави според бројот на граѓани што примија втора доза на милион жители. Осум месеци подоцна, вакцинирани се под 50 отсто од вкупното население, а Србија повторно го зграпчи првото место во Европа, но и четвртото место во светот! – овојпат, за жал, по бројот на новозаразени од Ковид-19 на милион жители.
„Едноставно неверојатно. Сопственикот и уредник на еден мал медиум снимил џинглови, повикувајќи ги своите сограѓани да се вакцинираат. Реакциите биле повеќе од негативни. Дури останал и без неколку огласувачи. Човекот решил да престане со кампањата“, гласеше твитот на еден познат српски новинар на којшто неодамна налетав.
Дополнително го дознав и овој детаљ: бесни огласувачи му порачале на сопственикот на тоа радио дека не сакаат да се рекламираат на „режимско радио“!
Како за почеток, ова е нешто сосема ново. Досега знаев дека поедини, токму локални медиуми во Србија веќе со години драматично имаат проблеми во функционирањето, зашто огласувачи ги одбегнуваат, секогаш од истата причина – не се режимски. Понекој сака во доверба да признае дека тоа нема врска со неговиот однос кон поединечниот медиум, и тогаш вообичаено уследува класика – знаеш, морам да го сочувам бизнисот, знаеш какви се Овие…
Ваквата реакција од локалните огласувачи лесно би можела да заведе некој неупатен. Имено, тешко дека оние што не сакаат да се рекламираат на „режимско радио“ се некакви поддржувачи на Ѓилас, Јеремиќ, Обрадовиќ или на некој друг од шареноликата српска опозиција – сакам да кажам, дури и по некој случај да се поддржувачи, која е веројатноста дека би се фалеле со тоа пред кого било и, патем, демонстративно би казнувале медиуми, според нив, наклонети кон режимот?
Ако не се поддржувачи на опозицијата, туку напротив – на режимот, сведоци ли сме, на тивок и додуша локален бунт против истиот тој режим? Дотолку повеќе што вакцинацијата е нешто што режимот – официјално! – го промовира и поттикнува. Од каде им е, да претпоставиме – на поддржувачите на режимот, толкава храброст полујавно – и патем без страв за својот бизнис – да го донесат во прашање не толку тоа што е заговарано од режимот, туку тоа што е заговарано од самата обожувана персонификација на тој режим лично.
Парадоксално, страв тука чувствува оној што поверувал во вистинските намери на режимот за неопходноста од вакцинација и одлучил во таа кампања, колку што може, да придонесе. И сега е загрижен за иднината на своето радио – патем кажано, многу поголеми медиуми од неговиот исто така промовираат вакцинација, но не слушнал дека поради тоа трпат нешто или дека ги етикетираат – но мора да се грижи и за нешто далеку побитно: колкава штета по неговото и здравјето на другите ќе направат бројните противници на вакцинацијата, вклучувајќи ги батенцата што ги повлекле рекламите, нарекувајќи го режимлија. А сигурно биле кажани и други епитети и сите се во врска со вакцината и вакцинацијата.
Кој преживее – ќе раскажува
Не е познато кога сето ова му се случувало на споменатиот сопственик на локално радио, но во септември 2021. година, кога е напишан овој текст, сеопштиот впечаток е дека уште долго нема да биде можно да биде постигнат оној процент (над 80 отсто) вакцинирани, неопходен за стекнување колективен имунитет. Отпорот кон вакцините и (или) колебањето, заедно со неопеана количина дезинформации за вакцините што некритички се голтани и манијакално ширени, се најголемите пречки кон постигнувањето на таа цел. Но, ниту државата не се труди баш многу посериозно да се занимава со тие проблеми.
Од јануари годинава, кога почна масовната вакцинација во Србија, следена од голема кампања, големи залихи од вакцини, повици од сите страни кон граѓаните да се вакцинираат, политичари што својата доза ја примаат пред камери, сето водеше кон тоа веќе во март да бидеме дури прва меѓу европските држави по бројот на оние што добиле втора доза на милион жители. Но ете, по осум месеци дојдовме до само 40 отсто вакцинирано население, но и до нов, уште попогубен бран на зарази што на Србија ѝ донесе нова европска „титула“ – овојпат, за жал, по бројот на новозаразени од Ковид-19 на милион жители. И црни рекорди по бројот на починати: кон крајот на септември беа и повеќе од 40 на дневно ниво.
Прашањето што се наметнува не е дали државата можела да стори повеќе, туку – зошто не сторила. И во таа смисла – кога беше напуштена идејата до колективен имунитет да се дојде преку вакцинација, туку, изгледа, се оптира таа цел да се оствари по природен пат, со заразување на населението?
Како ли оној сопственик на локално радио, а далеку од тоа дека е единствен, онојпат поверувал во вистинската намера на државата во поглед на вакцинацијата и соодветната намера со што помасовна имунизација да се спречи и оневозможи понатамошно дивеење на вирусот? Можеби и не му било неопходно да види како се вакцинираат претставници на државата – добро, некои веднаш, некои со големо пролонгирање – како на сите страни од светот набавуваат милиони вакцини, како ги повикуваат граѓаните на вакцинација, а потоа тој повик го повторуваат и познати личности во низа спотови, туку пошол од премисата дека вакцината досега била најуспешно оружје во совладување секакви болести. Можеби помислил – што би било ако во 1972. година многумина ја доведувале во прашање содржината на вакцината кога ни се случила вариола?
Сигурно во овие, сега веќе 18 месеци, воочил, да го наречеме тоа така, недостиг од бескомпромисност во промовираната војна на државата против короната. Сѐ уште му е во живо сеќавање, како и на сите други, минатогодишниот полициски час, тоталното затворање на постарите граѓани и драстичните мерки воведени од државата, и тоа во околности со далеку помала бројка заразени и умрени одошто денес, но тогаш сепак, поради изборите во минатогодишниот јуни, беше прогласена победа над коронавирусот и сѐ, помалку или повеќе, набрзина, се врати во каква-таква нормала. Во прилог на тоа одеа и поволните официјални податоци за бројот на заразени и умрени, за коишто, тоа ни покажа едно новинарско откритие, се испостави дека се фризирани. А всушност биле значително поголеми.
Сѐ потоа веројатно ниту тој не го земал здраво за готово – множел, собирал и одземал, и секогаш би доаѓал до нималку охрабрувачки бројки. Можеби наивно му се предал на уверувањето за важноста на плурализмот, а потоа и на тоа дека сите медиуми во Србија имаат самостојна уредувачка политика, па не се осврнувал на тоа што медиумите што навистина се режимски, за разлика од неговиот, малку известуваат за вакцинацијата, малку кажуваат нешто во нејзина полза, а малку му даваат немал простор баш на секого што минува покрај редакцијата, а има што да каже и за заговорот зад вирусот, заговорот зад содржината и вистинската цел на вакцината и за сите слични гомненици.
Кога на почетокот од годинава почна масовната вакцинација на граѓаните, сопственикот на тоа радио можел само да набљудува како бројот на вакцинирани расте од ден на ден. Па никој на светот не ни беше рамен на почетокот од годинава, сетете се на оние колони граѓани од регионот, кои чекаа боцкање во рамо. Кон тоа, макар и минимално, и самиот придонел. А кога ниту по осум месеци бројот на вакцинирани не надмина 50 отсто, а оние што не само што одбиваат, туку повикуваат и други на такво нешто, одненадеж се чувствуваат моќни да можат да ги казнуваат сите што се на другата страна, тој увидел, на потежок начин, дека барем неговата понатамошна борба е – залудна.
И не е единствен. Многумина, меѓутоа, не дигнаа раце од сѐ и не станаа песимисти во поглед на рокот во којшто заразата ќе биде ставена под контрола, донекаде ќе се вратат некои стари навики и макар привид на нормален живот, поради закани и секакви притисоци, туку само го одгатнаа ребусот. А неговото решение со месеци наназад само се наметнувало низ кодирани пораки емитувани од власта и од експерти во нејзината сенка: Не сметајте пак на тотално затворање и ниту на какви било драконски мерки, присила и кршење на Уставот, ќе биде што ќе биде, еј, џидипи е во прашање, да, луѓе умираат, баш тажно, ако можете чувајте се и вакцинирајте се, ако не сакате – гонете се. Построги мерки не се опција. Кој преживее – ќе раскажува.
Декодирање пораки
Како декодирано и со интегрална должина звучат пораките и ставовите на државата? Нешто слично на ова…
Би можеле поенергично и поискрено да водиме кампања за вакцинација, но не сакаме тотално да се замериме со противиниците на вакцината. Особено не пред изборите напролет. Ако им пречи повикување на вакцинација во медиум во кој, да кажеме, се рекламираат и сакаат да повлечат реклама, па добро, секој има, нели, право да се грижи за своите пари и интерес. Затоа, ние онака патем ќе повикуваме на вакцинација и ќе укажуваме, но така што никого нема да навредиме, за нејзините бенефити, но истовремено со државен орден да го наградиме оној што за вакцината, вакцинацијата, коронавирусот шири несфатлив „булшит“ (и не само за тоа) зашто тој е угледен лекар… Намигнување кон едните, намигнување кон другите. Сите да бидат задоволни.
Не дека имаме намера да се предадеме, туку секако од оваа училишна година ќе организираме редовна настава во сите училишта, децата и родителите едвај го дочекаа тоа, но ќе предвидиме можност за премин кон алтернативни видови настава ако се појави одреден број заразени во одделенијата. Учениците потоа ќе преминат на онлајн настава, и останатите ќе бидат безбедни.
Е сега, тоа што овие што минале на онлајн настава навечер најнормално ќе излегуваат да се забавуваат, во кафулиња, на концерти, сите најнормално работат, па така можат да се изложат на вирусот, а потоа и ќе го шират низ училиштето, кога од онлајн настава ќе се вратат во училница, е тоа е зашто на тие места не бараат ковид-пропусници. Сѐ уште не сме ги одобриле, еве сега ќе ги одобриме, деновиве до Нова година, само да видиме колку тоа му штети на рејтингот, а сега ќе имаме и избори, дали е во согласност со Уставот, зашто само на него му се поклонуваме, ќе имаме дебати околу тоа во Кризниот штаб, наредните две седмици се клучни за свикување Кризен штаб, зошто брзање – впрочем, тие работат и кога не се состануваат. Ма, знае народот и без нив што треба да прави.
Луѓе, вакцинирајте се, и понатаму носете маски и не одете на масовни собири! Освен кога нивното одржување е оправдано и корисно. А не, нема ние да ви кажуваме кои собири се оправдани и за државата – економски, а богами и политички – корисни, а кои не се – зарем ние да ви кажуваме дали да одите на натпревари, венчавки, концерти, фестивали, конференции, па и на протести?! Воведовме некои мерки и тие сѐ уште важат… само малку, што сакате да кажете – кои мерки?! Па, знаете вие добро – носење маски, особено во затворени простории, ограничен број посетители на собири во затворени простори… Тие сѐ уште се на сила, се разбира!
А ако посетителите на тие настани немаат маски, сигурно е така зашто веруваат дека никого не загрозуваат. Затоа и ние самите ретко кога носиме маски. Веруваме во одговорноста на граѓаните и без принуда и без ковид-пропусници. Кои никако да ги одобриме, зашто имаме таен план со самата приказна за нивното воведување да ги мотивираме младите (а тука сме „најтенки“ во поглед на вакцинацијата) да примат вакцина. Но планираме да ги воведеме. Под услов да не го уриваат рејтингот. А белким нема. А ако се покаже дека влијаат врз рејтингот, тогаш ништо, поради излегувања младите ќе се вакцинираат, а можеби и нема, а ние ќе ја продолжиме нашата борба. И досега можевме без ковид-пропусници.
Предавањето не е опција. И покрај антиваксерите и нивната кампања по национални медиуми. Коишто оваа власт не ги контролира, баталете сега тоа што пишуваат на „Твитер“. Е, камо среќа сите медиуми да се под наша контрола, би било 1000 посто вакцинирани во Србија… Но, за среќа, не се. Сакаме да кажеме, не се сите медиуми под наша контрола. Но, ако се под наша контрола сите влијателни медиуми, иако секој ден може да се добие таков впечаток, нашата власт, ах, би била сигурна. Вака, живееме и работиме во неизвесност, зашто секој е слободен во својата програма да ја плука власта, ако сака, или да пушта кого што сака, дури и најголеми противници на вакцинацијата, па макар биле носители на највисоки државни признанија.
Или во својата програма да ги повикува граѓаните на вакцинација. Ние, кои официјално сме за вакцинација, иако тоа можеби не баш секогаш изгледа така, не можеме да му кажуваме што да пушта во својата програма. Или, не дај Боже, што никако не е демократски и во согласност со Уставот, да ги казнуваме оние што не можат да му ја простат таа акција. Имаат право на тоа, ние сме демократско општество, баталете сега што велат извештаите од таму некои странски организации. Никој не го терал толку да се труди. Толку да ни верува, тоа да. Ние своето го сторивме, сѐ како што треба, набавивме онолку вакцини, ве повикувавме да ги искористите и сега сѐ зависи само од вас. Па и ако одберете на кого ќе му верувате, па, на крајот на краиштата, и дали ви се живее или не.
Две реалности
Во Србија одамна не постои само една реалност. Во едната, вакцинираните граѓани, кои и покрај сите примени дози пак се соочуваат со ризик од заразување, со неверување гледаат како болниците преминуваат во „ковид режим“, одложуваат закажани операции, како во рекорден рок се полнат новоизградени ковид-болници, како умираат сѐ помлади, како бројките стануваат сѐ поцрни, но и како, и покрај сето тоа, не постои подготвеност да се повлечат потези што би го запреле сето тоа.
Постои и онаа другата реалност, во која или се негира постоењето на вирусот или се третира како полесен грип, каде што секоја мерка е сметана за напад кон слободата на поединецот, каде што тие што носат маски се нарекувани „муцкарници“ и им се упатуваат закани на наставници што инсистираат на маски.
Реалност во која се негира ефикасноста на вакцината и жестоко се напаѓани тие што поддржуваат вакцинација – лекари, научници, граѓани, шират теории на заговори и промовираат псевдонауки, се гледа сеир кон починати што биле вакцинирани… И притоа, очигледно, се чувствуваат моќни. Бројноста им оди во прилог. Знаат дека државата е свесна за тоа, затоа е толку благонаклонета кон нив. Изборите се тука, зад аголот…
*Блогот е објавен во рамки на иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведуваат Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Хрватска (Lupiga), Косово (Sbunker), Србија (Autonomija), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Албанија (Exit News), Црна Гора (PCNEN), Словенија (DKIS) и Грција (Macropolis).