На денот пред локалните избори, денеска своето право на глас можат да го остварат вкупно 10.653 гласачи, информираше на денешната прес-конференција претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски.
Од нив, 1.899 гласачи се од 13-те казненопоправни установи каде гласачките места беа отворени утрово во 7 часот, а каде гласањето ќе трае до 19 часот.
„До овој момент гласањето тече без проблеми. Во текот на денешниот ден, своето гласачко право во единствениот центар за внатрешнораселени лица ќе можат да го остварат и шест гласачи кои се водат како внатрешнораселени лица“, рече Даштевски.
Исто така, денеска своето право на глас може да го искористи 351 гласач од установите за вонсемејно згрижување, а избирачките одбори во државата ќе го спроведат гласањето и на лицата кои се болни и немоќни или во куќен притвор.
„Во своите домови гласачкото право ќе го остварат 7.921 граѓанин, кои се пријавиле за гласање. Како лица кои се во домашен карантин или на кои им е определена мерка самоизолација поради Ковид-19, во своите домови ќе гласаат 476 лица. Ова гласање ќе го спроведат посебни избирачки одбори составени од медицински персонал и лица номинирани од политичките партии“, додаде претседателот на ДИК.
Претседателот Даштевски посочи дека за овие избори постои изразен интерес за набљудување од страна на домашни и странски организации и медиуми. Оттука, тој изјави дека ДИК издала 1.247 акредитации за набљудување, односно 870 за домашни, 367 за странски набљудувачи и 10 акредитации за странски новинари.
Во меѓувреме, тој потенцираше дека е активен и бесплатниот телефонски број 0800555444 на кој заинтересираните граѓани може да се јават и да постават прашање или пак да остават коментар до ДИК, заедно со своите податоци за контакт на кој би добиле одговор на поставеното прашање.
„И оваа година во однос на комуникацијата со граѓаните со оштетен слух и говор, на денот на изборите активен ќе биде телефонскиот број 076488360 на кој преку видео повик ќе може да постават прашање до ДИК и да добијат одговор на македонски знаковен јазик“, рече Даштевски.
За седмите по ред локални избори кои ќе се одржат утре, во избирачкиот список со право на глас се запишани вкупно 1.824.864 гласачи.