Министерството за внатрешни работи (МВР) вчера информираше дека го привеле 50-годишниот Б.А. од селото Милино, по претходно добиени оперативни сознанија дека врши поткуп во врска со претстојните локални избори. Лицето, како што се наведува во соопштението давало и нудело пари, додека лицата кои добивале пари се потпишувале на документ дека примиле пари.
Исто така, МВР денеска информираше дека во текот на вчерашниот ден биле приведени уште четири лица поради давање поткуп за гласови.
„Околу 19 часот на подрачјето на ПС Драчево, на место викано Аџево, биле забележани лица кои давале пари во замена за глас на претстојните локални избори односно вршеле кривично дело по член 162 од КЗ ‘поткуп при избори и гласање’. Од страна на полициски службеници приведени се четири лица. Е.Б. (26), С.М. (27) Н.Б. (50) и Ј.М. (35), а кај нив пронајдени се 121000 денари и 250 евра. Известен е јавен обвинител и по добиени судски наредби извршени се и претреси во домовите на лицата, а тие се задржани во полициска станица за понатамошна постапка“, се додава во соопштението.
Во меѓувреме, надлежните вечерва соопштија и дека во полициската станица Делчево на информативен разговор бил повикан 35-годишниот Н.С. од Делчево поради основано сомнение за давање поткуп во врска со локалните избори.
Истовремено информативен разговор бил направен и со 35-годишниот К.С. кој примил 3.000 денари од Н.С. во замена за глас на утрешните избори.
„Известено е ОЈО Делчево и по насоки од ОЈО извршен е разговор со повеќе лица. Паричните средства во висина од 3000 денари се одземени. По комплетирање на службената документација од страна на ОВР Делчево ќе биде поднесена кривична пријава до ОЈО Делчево по чл.162 ст.1 и 2 вв ст.3 од КЗ“, додаваат од МВР.
Првиот круг за седмите локалните избори на кои се избираат градоначалници и советнички листи за 80 општини и Град Скопје е закажан за утре.