Париз со години е еден од градовите со прекумерно загадување на воздухот, па сега француската престолнина сака да ја подобри климата во градот со засадување 170.000 нови дрвја, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
Дрвјата ќе бидат засадени секаде каде што има место, покрај улиците, плоштадите, парковите, но и покрај автопатите околу градот, објави градската управа. Целта е борба против климатските промени.
Дрвјата апсорбираат јаглерод диоксид, го подобруваат квалитетот на воздухот и придонесуваат за заладување на градот во текот на летните горештини. Покрај тоа, дрвјата се природна бариера за бучава и визуелно загадување.
Париз веќе е еден од европските градови со најмногу дрвја, нагласи градската администрација. Во самиот град има околу 200.000 стебла, додека уште 300.000 стебла има во урбаните шуми Булоњ и Винсенс.
Дополнителните дрвја би требало да бидат засадени до 2026 година.