Граѓаните на седмите по ред локални избори во држава денеска бираа градоначалници и кандидати за советници во 80 општини и Град Скопје.
Изборниот ден го одбележа проблемот со уредите за биометриската идентификација, поради лошото ракување со нив, како и лошиот квалитет на базата на отпечатоци, како што тврдеа од Државната изборна комисија (ДИК).
Исто така, на одредени избирачки места денеска се создаде метеж. Тоа според ДИК се должи на изводот од избирачкиот список кој има двојно повеќе страници, но и поради ограничувањата поради коронавирусот.
Денешниот изборен ден помина во мирна и фер атмосфера, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„Од досега пријавените случаи, МВР нема регистрирано посериозни нарушувања на изборниот процес и на јавниот ред и мир во текот на гласањето. До 19.00 часот се бележи вкупно намалување на бројот на пријавени настани и тоа за 40%, во споредба со изборите во јули 2020 година. Така, годинава се пријавени 91 настан, за разлика од претходните избори кога беа пријавени 151 настани“, изјави Спасовски.
Како што соопшти министерот, досега биле пријавени 42 случаи на агитирања, односно тоа било најчеста појава на изборниот ден. Од нив, седум биле отфрлени како неосновани, додека по останатите се постапува.
Најголемиот број пријавени настани, меѓудругото биле од подрачјето на СВР Скопје односно 22 пријави, СВР Штип 19, СВР Куманово 16 и СВР Битола 14 пријави.
Вториот круг за локалните избори, каде што не е избран градоначалник во првиот круг е закажан за 31 октомври.