Монодрама „Женска утопија“ во СЦ „Дуња“

Монодрамата „Женска утопија“ на Димитрина Мицкоска, според драмите на Јордан Плевнеш гостува на Театарот „Златен Елец“ на 22 октомври во 20 часот во СЦ „Дуња“.

„Женска утопија“ се базира врз репликите на сите женски ликови од драмите на Јордан Плевнеш. Земeни се реплики од скоро сите драми, но јадрото го сочинуваат Малина од „Еригон“, Мадам де Помпадур од „Безбог“, Марија од „Notre Femme de Paris“ Стела и Естреа од „Вечната куќа“, Ереба и Европа од „Среќата е нова идеја во Европа“, Маргарита Ветерова и Катерина од „Р“, Весна Мирка од „Слободен лов“, наставничката од „Југословенска антитеза“- чии реплики се извадени и изместени од оригиналниот контекст и направени се пет самостојни ликови.

„Грета- со своето лудило кое е резултат од совршениот живот кој го имала и не толку совршената судбина која ја оставила без ништо и без ниеден остварен сон. Малина- која се јавува како привидение, раскажува за потрагата по мажот и децата изгубени во војна, за повторно да се врати во својот гроб. Мадам Де Помпадур- една влијателна жена, која може да направи се што ќе посака со својата моќ, а ја нема моќта да направи да ја сака мажот за кој и смекнува срцето и на крај останува скршена. Марија- жена полна со љубов и страст, го чека својот маж, за неа не постојат религиски пречки за да сака, ја презира сета историја пишувана со крв и тврди дека нема ништо друго на светот освен страст. И Стела- една јака жена која не потклекнала на ниедна пречка во животот и немилосрдно ни ја плеска вистината в лице. Сите пет постојат како ликови во драмите на Плевнеш, но во ‘Женска утопија’ се изместени од рамките во кои тој ги сместил и се ставени во сосема нови ситуации и карактери кои се дел од мојата имагинација и креација. Пишуваниот збор на Плевнеш во комбинација со мојата инспирација од секој негов збор резултира со оваа монодрама, сплет на неговите зборови и моите дела. Како што тој пишува: ‘Разновидните имиња на душата, меѓу различни народи постојат како различни облици или начини на дишење’. Од неговите разновидни облици на женските ликови јас креирав пет души, пет начини на дишење во едно тело. Женска утопија, хаос и утопија“, пишува Димитрина Мицкоска за претставата.

Монодрамата премиерно е изведена на фестивалот „Актерот на Европа” 2018 каде ја добива наградата ‘Млада Европа’, потоа на фестивалот „Ристо Шишков“ каде добива Нета награда, во 2019 учествува на Фестивалот на Монодрама во Битола, Фестивалот Моноакт во Пеќ и Приштина, Косово… Вкупно досега брои 7 изведби.

Бројот на публика е ограничен. Претставата ќе се изведе според сите заштитни протоколи. Задолжителен е сертификат за примена вакцина и маска.

Резервации на zlatenelecrezervacii@gmail.com. Цена на билет: 200 ден.