ЗНМ: Го осудуваме понижувачкиот однос на кандидатот за градоначалник Фатмир Лимани кон новинарка на ТВ21

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) упати осуда за јавниот понижувачкиот однос на независниот кандидат за градоначалник за општина Кичево, Фатмир Лимани кон новинарката Салије Садику од ТВ21 и побара јавните чинители да внимаваат на нивниот однос посебно кон жените новинарки во државата.

Од ЗНМ велат дека новинарката Садику, додека известувала за локалните избори во Северна Македонија, се соочила со непријатна ситуација проследена со агресивен говор и обвинувања од страна на независниот кандидат од Кичево, Фатмир Лимани кон неа лично и телевизијата ТВ 21. Според нејзиното сведоштво таа во штабот на кандидатот за градоначалник побарала изјава од Лимани, но наместо да добие одговор била грубо навредувана, а потоа и исвиркана од толпата негови симпатизери.

„Ваквиот однос кон новинарите кои се на работна задача на терен е неприфатлив и потребно е подигнување на свеста на кандидатите за градоначалници и сите политички чинители во изборниот циклус кон новинарите бидејќи во овој момент следи и вториот круг од локалните избори во повеќе општини. Сметаме дека доколку ваквите инциденти се толерираат во иднина има ризик да се охрабрат нови посериозни насилства кон новинарите, а со тоа дополнително да се загрози нивната безбедност, правото на слобода на изразување како и правото на информирање на граѓаните“, стои во соопштението на ЗНМ.