Јавен преглед и редовно следење на квалитетот и загадувањето на реките во Македонија ќе се прави преку дигиталната мониторинг платформа на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), која е изработена во рамките на кампањата „Разбистри сè“ и која беше претставена денеска.
Оттаму посочуваат дека податоците од мониторингот на УХМР се од исклучителна важност за да се проценат промените што настануваат во реките поради интензивните испуштања на отпад, отпадни води, пестициди и други загадувачки материи од домаќинствата, земјоделството и индустријата во речните води.
Дигиталната мониторинг платформа на УХМР е достапна на македонски, албански и англиски јазик на www.waterquality.uhmr.gov.mk. Целта на мониторингот, како што велат од „Разбистри сè“, е да обезбедува информации за статусот на водните тела, но и да дава податоци за креирање оправдани, одржливи и ефикасни политики за користење и заштита на водите.
„Оттука, дигиталната мониторинг платформа ќе го подобри системот за собирање и трансфер на податоците од мониторингот на УХМР, обезбедувајќи јавна проценка на биолошките, физичко-хемиските, морфолошките и еколошките карактеристики на водните тела во различни речни сливови, како и на можните негативни влијанија од природните услови и човечките активности“, велат од „Разбистри сè“.
Платформата ќе обезбеди и слободен и едноставен пристап на јавноста и инспекциските служби до податоците од системот, без посебни барања и постапки.
На овој начин, посочуваат од „Разбистри сè“, ќе се воспостави кохерентен и сеопфатен преглед на податоците од мерењата што се користат за следење и проценка на квалитетот на површинските води во државата и за дизајнирање на ефикасни и ефектни мониторинг програми.
Кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сè“ ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.