МКЦ најавуваат две ноемвриски вечери со музика во живо, во салата „25 мај“. На 5 и 6 ноември, во Младинскиот културен центар ќе се одржи дводневен концерт на македонски бендови и бендови од регионот.
На 5 ноември, петок, ќе настапат „Калата“, „Светлост + Одрон ритуал оркестра“ и „3 Јест“. „Калата“ е интересен спој на традиционални вокални делници, невидено луди гитарски рифови и беспрекорно фасцинантен источномакедонски ритам и бит, објаснуваат од МКЦ.
„Светлост + Одрон ритуал оркестра“ беа селектирани за „МЕНТ“ – Љубљана, а овојпат, по повеќе од една година повторно на сцена, тие промовираат и нова плоча, издание на Скопје џез-фестивал.
Од МКЦ го најавуваат и „3 Јест“ како најновото превозно средство за сонично истражување возено од тројца уникатни инструменталисти од Скопје.
На шести ноевмври, сабота, ќе настапи српскиот бенд „Роза“, во кој членуваат Дуле, Небојша и Стева. „Роза“ во минатите децении патуваа на паралелните колосеци на хардкор, панк, постпанк, ноиз, а понекогаш и џез-музиката. Тие ќе настапат заедно со хрватските „Немања“ и македонските „21 век“.
„Немања“ се соник-фанк-диско бенд, а нивниот нов албум „Космик диско“ е одговор на тибетска книга на мртвите. Организаторите нагласуваат дека албумот го слави животот дискотеките во 70-тите и раните 80-ти години од минатиот век, кокетира и со кумбија-звукот, но и со југословенскиот фанк, афробитот и араб-диското зачинето со поп ориентирани текстови.
Македонскиот бенд „21 век“ ќе го промовираат својот последен албум „Си нацртав живот“ љубовно-исповедничка плоча, базирана на вистински настани.
Настаните ќе се реализираат согласно актуелниот протокол за организирање настани во затворен простор.
Билетите чинат по 300 денари од вечер, а нивниот број е ограничен. Тие се достапни во билетарницата на МКЦ и онлајн.