Македонија според Европската комисија (ЕК) има „одредено ниво на подготвеност“ за поглавјето 27 што ги тангира аерозагадувањето, управувањето со отпад, заштитата на природата, индустриското загадување, бучавата и климатските промени. Постигнат е „ограничен напредок“, меѓутоа имплементацијата во сите овие сектори останува прашање што загрижува и повеќето насоки не се спроведени. Оттука, еко-организациите од земјава коментираат дека малиот буџет, законите заглавени во „фиока“ и недостигот на меѓусекторска координација стојат како проблеми кои оневозможуваат напредок.
Во извештајот е направен „копи-пејст“ на делот со главните препораки за животна средина и климатски промени. Идентично како лани, ЕУ ја нагласува потребата да се издвојат повеќе пари, како би се намалило загадувањето на воздухот на локално и национално ниво.
Иако се изнесени податоци за набавената мониторинг станица за Гевгелија, замена на инструменти во постоечката станица во Битола и надградба со системот за управување на податоци, сепак, загадувањето на воздухот во големите градови останува сериозен проблем.
ЕУ од Македонија повторно бара да ги засили амбициите за зелена транзиција, особено во контекст на Зелената агенда за Западен Балкан. Тука е и репризното барање да направиме „значајни чекори за воспоставување регионален систем за управување со отпад“.
„Слабите административни капацитети, ниската примена и ограничената меѓусекторка соработка остануваат главните пречки“, стои во извештајот за секторот отпад.
ЕУ нотира дека се донесени збир закони за управување со отпад кои ги инкорпорираат принципите на циркуларна економија и е започната санација на малата депонија на линдан во ОХИС. Но, меѓувремено дивите депонии продолжуваат да бидат горлив еколошки предизвик.
За т.н. „хоризонтални прашања“, Комисијата е децидна – административниот капацитет на сите нивоа останува слаб, додека дијалогот со граѓанското општество и јавните консултации траба значително да се подобрат.
„Кризата со КОВИД-19 и неодамнешните пожари ја нагласија потребата од зајакнување на правната рамка и институционалните капацитети на властите за цивилна заштита, особено во здравствените итни случаи. Треба да се подобри соработката меѓу Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи“, стои во документот на ЕК за 2021 година.
Според „02 Иницијатива“, ваквите извештаите стануваат излитени и со исти констататации, зошто поместувањата се минимални, а проблемите многубројни и големи.
„Имплементацијата на законите, недоволниот капацитет на институциите, недоволните финансии, недоволната транспарентност, остануваат проблем, но никој не направи ништо до сега ова да се промени. Загадениот воздух и управувањето со отпадот остануваат во фокусот, повторно без соодветен одговор“, реагираат од „02 Иницијатива“.
Од таму потенцираат дека исполнувањето на УНЕСКО препораките за Охридскиот регион е во длабок застој, плановите за управување со речните сливови сè уште ги нема. Исто така, законите за инспекција во животната средина и индустриските емисии не се донесени.
„Може само да констатираме дека состојбата ни е лоша, без прогрес на повидок“, забележуваат од „02 Иницијатива“.
И „Еко-свест“ во својата анализа ги уочува генералните недостатоците што треба да се направат во поглед на интерсекторски соработки и финансирање. Истовремено, специфично за секторот природа, велат дека тој бележи голем број успешни национални и меѓународни процеси за прогласување на нови подрачја – Шар планина како национален парк, Охрид и Студенчишко блато како нови Рамсар подрачја, Длабока река како светско наследство во УНЕСКО. Исто и промени во законодавството кое е на праг на усвојување.
Во поглед пак на водите – ја нотираат забелешката на ЕУ дека отсуствуваат планови за управување со речните сливови и нивната имплементација.
„Поради ова сме сведоци на бројни штети врз речните екосистеми како резултат на издавање на неплански концесии. И тука главна забелешка е недостигот од меѓусекторска соработка помеѓу институциите во овој сектор“, потенцираат од „Еко-свест“.
За делот на климатските промени, велат тие, нашата земја носи климатски политики со висока амбиција, во насока на остварување на зацртаните климатски цели во ЕУ. Меѓутоа, најголема забелешка во извештајот е минимална имплементација на Парискиот договор.
„Оваа забелешка најмногу се однесува на игнорирање на одредбите од Парискиот договор кои се однесуваат на внесување на климата во националното право како би се создала правна рамка за имплементација на ветените амбициозни цели со стратегијата за климатска акција и со ревидираните национални придонеси. Земјата се уште нема закон за климатска акција кој треба да ја обезбеди институционалната и правна рамка за превземање активности. Потребно е сериозно разбирање на Парискиот договор како и Текстовите од Катовице за имплементација на договорот и внесување на климата во сите релевантни сектори“, велат од „Еко-свест“.
Бојан Шашевски