Сол Њумен, професорот по политичка теорија на Универзитетот Голдсмитс во Лондон, Велика Британија, со физичко присуство ќе одржи свое предавање во Музејот на современата уметност. Насловот на предавањето е „Постанархизам и критички уметнички пракси“, а ќе се одржи на 29 октомври со почеток во 19 часот.
Еден од клучните предизвици со кои се соочуваат уметниците денес е создавањето критичка дистанца кон системот, односно кон општествените и економски односи и динамики во чие опстојување тие нужно учествуваат. Оттаму, прашањата кои произлегуваат е како да се изгради независност во однос на институциите преку кои се легитимира и преку кои се финансира нивната работа, или како да се спречи комодификацијата, присвојувањето и комерицјализацијата на нивните идеи и практики во капиталистиките системи, на чија хегемонија уметниците се обидуваат да се спротивстават.
Сепак, дел од уметниците создаваат нов политички простор каде се преиспитуваат актуелните проблеми како што се воeните конфликти, државното насилство, надзорот, конзумеризмот, исклучувањето на мигрантите од општествените текови, граничните случувања, како и еколошките девастирани простори.
Во своето предавање Сол Њумен ќе се осврне на можноста критичката уметност да отвори нов вид на јавен политички простор. Притоа, ќе се фокусира на некои од филозофските идеи што ја поткрепуваат оваа нова релација помеѓу уметноста и политиката, и тука ќе зборува за анархизмот или она кое Њумен го нарекува постанархизам, што подразбира антиавторитарна политика и етика.
Истражувајќи ја моќта, доминацијата и насилството, акцентирајќи го автономното дејствување и начините на субјективност, постанархизмот е поставен како најсоодветен пристап за разбирање на критичкиот потенцијал на уметничките практики денес.
Сол Њумен е професор по политичка теорија на Универзитетот Голдсмитс во Лондон, Велика Британија. Неговата работа се осредоточува на современите форми на радикалната политика. Њумен го воведува концептот „постанархизам“ со кој ги одредува новите пост-статистички форми на политички активизам.
Исто така, неговите истражувања се однесуваат на суверенитетот, политичката теологија, демократијата и пост-секуларизмот, автономијата и слободата, како и човековите права. Неговите текстови и книги се издадени во водечките светски списанија и издавачи.
Предавањето е дел на Интердисциплинарната програма под наслов „Без/редие во светот на уметноста“. Автор на овој проект е Тихомир Топузовски.
Предавањето ќе се одржи според актуелните владини пропишани мерки во услови на пандемија со покажување на сертификат од вакцина.
Влезот е слободен и во ограничен број.