Романот „Југослав“ од Ана Вучковиќ ќе има своја промоција денес, на 26 октомври, во МКЦ, односно салата Фросина. Промоцијата ќе започне во 20 часот, а промотори на романот се Лилјана Пандева и Сашо Огненовски, кој е преведувач на делото.
Модератор на промоцијата ќе биде Јулијана Величковска, а романот преставува елегична поема за заедничкото време што јунакињата го поминала со својот татко, со посебен акцент на времето поминато во убиената Југославија.
Според Сашо Огненовски, романот е вивисекција на интимата внатре во општеството кое своите правила ги поставило на многу едноставен начин, рапсодија на деструкцијата и несфатеноста, која никако да запре, и интерпретација на едно „друго тело“ што кореспондира со суровоста и отуѓеноста.
Ана Вучковиќ (1984, Белград) дипломирала на Факултетот за драмски уметности на отсекот за драматургија, а магистрирала на филмологија. Нејзината писателска кариера ја започнува на петнаесетгодишна возраст во 1999 г. кога за краткиот расказ „Нишалка“ ја добива наградата „Борслав Пекиќ“.
Авторка е на романите „Епохата пцовиса вчера“ (2003), „Ласт’н’даст“ (2004), „Сурфинг Србија“ (2021) и „Југослав“ (2019), како и на збирката раскази „Плишениот солитер“ (2007).
Со својот прв роман и со романот „Југослав“ беше во потесен круг за НИН-овата награда, додека, со збирката раскази „Плишениот солитер“ беше во потесен круг за наградата „Исидора Секулиќ“. Таа е новинар во Радио Белград, пишува колумни за „Сити магазин“ и уредник е на повеќе емисии на Радио Апарат ‒ алтернативна радиостаница во Белград.
Настанот ќе биде организиран со почитување на актуелните протоколи за организирање настани во затворен простор.