Просветни инспектори извршија вонреден инспекциски надзор во основното училиште ,,Панајот Гиновски” – Бутел за случајот каде наставник удира ученик.
Од непосредниот увид со записник констатираат дека е известено Министерството за внатрешни работи и дека е поведена дисциплинска постапка против наставникот по англиски јазик.
„Од страна на Државниот просветен инспекторат ќе се издаде и Решение со наредени мерки со што се задолжува директорот на училиштето да ги преземе сите законски мерки и активности за целосно документирање и расчистување на случајот. Исто така, ДПИ го повикува Основното јавно обвинителство да постапи во врска со случајот“, стои во соопштението.
Од Државниот просветен инспекторат осудуваат секаков вид на насилство, неетичко и неморално постапување и однесување на било кој вработен во образовна установа. Според нив, на овој начин се наштетува на психо-физичкиот развој на учениците, на воспитно образовниот процес и се доведува во прашање угледот на професијата наставник.
Оттаму информираат дека следува и контролен инспекциски надзор, а по согледување на сите факти најавуваат преземање понатамошни мерки.
За инцидентот се дозна преку видео што го снимал соученик и беше споделено на социјалната мрежа Тик Ток. На него се гледа како наставникот прво го удира ученикот, па го крева во воздухот.
Е.П.