„Тома“ и Недела на шпански филм на програмата на Кинотека во ноември

Филмот „Тома“ на Драган Бјелогрлиќ, динамична сторија за животот и доживувањата на легендарниот пејач Тома Здравковиќ е дел од програмата на Кинотеката на Северна Македонија за ноември.

На почетокот на месецот ќе биде прикажан и филмот „Модна ревија: Од „Глада Худик“ до Њујорк“, дебитантски филм на Јохан Ског, во кој е прикажано доживувањата на млада група лица со попреченост кои сакаат да им го исполнат сонот на Ема да стане манекенка. Критиката ова дело го оцени како „радосен филм за убавината на животот на младите луѓе и предизвиците со кои се соочуваат за време на неверојатното патување што им ја открива иднината“.

Дополнително во ноемвриската програма ќе бидат прикажани и седум филмови во рамки на Неделата на шпански филм. Изборот на филмови претставува мешавина од тематски преокупации на авторите од неколку генерации, во кои доминира добро познатата медитеранска атмосфера, во која се „натопени“ семејните и личните трагедии.

Документарниот филм „Омега“ на Хервасио Иглесиас, Жозе Санчез-Монтес на необичен начин ги спојува поезијата на Леонард Коен и Федерико Гарсија Лорка со огнениот ритам на фламенкото. „Духот на пчелната кошница“ на Виктор Ерис, „Девет писма за Берта“ на Базилио Мартин Патино, „Национално наследство“ и „Ракетата од Калабуч“ на Луис Гарсија Берланга внимателно ја сецираат најголемата рана на шпанското општество, четириесетгодишната диктатура на Франциско Франко. Во неделата на шпански филм публиката ќе може да ги погледне и „Невините светци“ на Марио Камус, како и „Матахарис“ на авторката Исиар Бојаин.

Крајот на ноемвриската програма е резервиран за четири документарни наслови од современата српска кинематографија. Се работи за двата документарни долгометражни филмови на Горан Радовановиќ – „Чекајќи го Хандке“ и „Случајот Макавеев или процес во киносалата“, како и двата краткометражни документарци на авторскиот двоец Милан Киќевац, Бошко Милосављевиќ – „Учителот од Дримкол“ и „Селидбите вечно продолжуваат“.

Целосната програма во продолжение:

ПРОГРАМА НОЕМВРИ 2021

 

2 НОЕМВРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

3 НОЕМВРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

18 НОЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

19 НОЕМВРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.

МОДНА РЕВИЈА: ОД „ГЛАДА ХУДИК“ ДО ЊУЈОРК

(Catwalk – Från Glada Hudik till New York / Catwalk: From Glada Hudik to New York)

Документарен филм, Шведска

2020, 95 мин., колор, ДЦП

Режија: Јохан Ског (Johan Skog)

Сценарио: Терезе Брингхолм, Лиа Сидерштром, Јохан Ског (Therese Bringholm, Lia Cederström, Johan Skog)

Улоги: Ема Ертлунд, Никлас Хилберт, Пер Јохансон, Ида Јохансон, Аника Гранлунд Јонсон (Emma Örtlund, Nicklas Hillberg, Nicklas Hillberg, Ida Johansson)

Ема сака да стане модел и бара помош од Пер Јохансон и театарот „Глада Худик“. Тоа е недостижен сон за повеќето, особено ако имате некаква попреченост. Заедно со група невообичаени модели, тие започнуваат незаборавно патување…

МОДНА РЕВИЈА: ОД „ГЛАДА ХУДИК“ ДО ЊУЈОРК е дебитантски филм на Јохан Ског, но критиката го оценува како радосен филм за убавината на животот на младите луѓе и предизвиците со кои се соочуваат за време на неверојатното патување што им ја открива иднината. Толку природно и убаво, полно со позитивни емоции, комични ситуации и љубов и смеа за време на целото патување.

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: бесплатен влез 

 

4 НОЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.

5 НОЕМВРИ (ПЕТОК), 18:00 ч.

6 НОЕМВРИ (САБОТА), 18:00 ч.

МОЕТО ЕЗЕРО

(Liqeni im / My lake)

Игран филм, Албанија / Косово / Хрватска / Германија / Македонија / Италија

2020, 96 мин., колор, ДЦП

Режија: Ѓерѓ Џувани (Gjergj Xhuvani)

Сценарио: Ѓерѓ Џувани (Gjergj Xhuvani)

Улоги: Аритон Положани, Тристан Халилај, Ведран Живолиќ, Луиза Џувани, Бирче Хаско (Ariton Pollozhani, Tristan Halilaj, Vedran Zivolic, Luiza Xhuvani, Birçe Hasko)

МОЕТО ЕЗЕРО има алтернативен наслов „Мојот филм“, во кој Џувани ја отсликува тридецениската приказна од „темната страна“ на албанското опшество – трговија со дрога, насилство меѓу младите – која постојано се повторува и повторува… Децата се раѓаат и растат со нетипичен морален кодекс, каде што богатењето со незаконски средства, за да се извлечеш од сиромаштијата, на некој начин те прави маж, те прави некој што е битен во тоа општество.

Ѓерѓ Џувани е, веројатно, еден од најпознатите и најуспешни албански филмски автори во овој век, кој прерано почина пред две години (Тирана, 1962 – Рим, 2019), непосредно по завршување на постпродукцијата на МОЕТО ЕЗЕРО, и тој е негов последен филм. Џувани во неговата кариера режираше девет долгометражни играни филмови, од кои на македонската публика можеби најпознати наслови и се ПАРОЛИ (Slogans, 2001) и ИСТОК, ЗАПАД, ИСТОК: ФИНАЛЕН СПРИНТ (East, West, East: The Final Sprint, 2009; делумно сниман и во Македонија), прикажувани на Скопскиот филмски фестивал и други манифестации.

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари  

4 НОЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

5 НОЕМВРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.

6 НОЕМВРИ (САБОТА), 20:00 ч.

8 НОЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

9 НОЕМВРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

ТОМА

(Toma)

Игран филм, Србија

2021, 146 мин., колор, ДЦП

Режија: Драган Бјелогрлиќ, Зоран Лисинац (Dragan Bjelogrlić, Zoran Lisinac)

Сценарио: Драган Бјелогрлиќ, Зоран Лисинац, Никола Пејаковиќ (Dragan Bjelogrlić, Zoran Lisinac, Nikola Pejaković)

Улоги: Милан Мариќ, Тамара Драгичевиќ, Петар Бенчина, Андрија Кузмановиќ, Сања Марковиќ (Milan Marić, Tamara Dragičević, Petar Benčina, Andrija Kuzmanović, Sanja Marković)

Филмот ТОМА е биографски портрет – слободна интерпретација на животот и доживувањата на легендарниот пејач Тома Здравковиќ (1938-1991), кој ги прикажува неговите почетоци, врвот на неговата слава, жените во кои се вљубувал и кои го инспирирале при компонирање на неговите најголеми хитови, како и односите на некогаш забревтаната естрада во некогашна Југославија.

Сторијата на ТОМА го следи пејачот (Милан Мариќ) од периодот на неговата рана младост, кога како момче во Лесковац работи како кафеански помошник. Во таа кафеана гостува пејачката Силвана Бајрактаревиќ (Тамара Драгичевиќ), ѕвезда во подем. Тома се вљубува во неа и ја презентира првата песна што ја напишал, па Силвана ќе му помогне да добие ангажман како кафеански пејач во Тузла. Потоа му помага да направи позначаен исчекор на белградската естрада и, иако никогаш нема да станат љубовници, остануваат неверојатно емоционално поврзани за цел живот.

Во ТОМА го следиме животот на Тома Здравковиќ низ постојани флешбекови од неговите почетоци, преку подемите и падовите во кариерата, заминувањето во САД, до медицинските третмани на почетокот на деведесеттите. Тома и докторот Хаџи Поповиќ (Бенчина) што го лекува – или се обидува да го лекува, со оглед на немарноста на пациентот за сопственото здравје – водат вистинска битка со нивните ставови за животот и среќата. Невозвратената љубов од Силвана, која се мажи за тенисерот Радмило Арменулиќ, и пороците како алкохолот и комарот можеби здравствено го уништуваат пејачот, но тие се негова инспирација за некои од најголемите хитови на т.н. новокомпонирана народна музика, кои и ден-денес се задолжителни нумери на репертоарот на веселбите.

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: бесплатен влез 

10 НОЕМВРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

11 НОЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.

НЕДЕЛА НА ШПАНСКИ ФИЛМ / КРАТКИ СОДРЖИНИ

ОМЕГА

(Omega)

Документарен филм, Шпанија

2016, 80 мин., колор, блуреј

Режија: Хервасио Иглесиас, Жозе Санчез-Монтес (Gervasio Iglesias, José Sánchez-Montes)

Сценарио: Хервасио Иглесиас, Жозе Санчез-Монтес (Gervasio Iglesias, José Sánchez-Montes)

Учествуваат: Антонио Ариас, Леонард Коен, Лаура Гарсија Лорка, Алберто Манзано, Енрике Моренте (Antonio Arias, Leonard Cohen, Laura García Lorca, Alberto Manzano, Enrique Morente)

Што ќе се случи кога ќе се спојат поезијата на Леонард Коен и Федерико Гарсија Лорка со огнениот ритам на фламенкото?

ОМЕГА е музички документарец за еден албум, но не каков било албум, туку албум со песни во кои се испреплетени панк-рок музиката шпанскиот бенд Лагартија Ник, стиховите и музиката на Леонард Коен (1934-2016), стиховите на Г. Г. Лорка (1899-1936), трагичниот поет и јунак на Шпанската граѓанска војна, со гласот на легендата на фламенкото Енрике Моренте (1942-2010). Коен и Лорка се двајцата лиричари чија поезија го одбележаа дваесеттиот век, а Моренте е музичарот кој му даде нова димензија на фламенкото. Филмот го следи создавањето на култниот албум ОМЕГА и животот на иновативниот фламенко пејач Енрико Моренте, неговите размислувања за музиката и за фламенкото и за поезијата и шпанската култура. Сето тоа е реализирано преку документарни снимки и искажувања на неговите блиски и соработниците.

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: бесплатен влез 

 

11 НОЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

12 НОЕМВРИ (ПЕТОК), 18:00 ч.

ДУХОТ НА ПЧЕЛНАТА КОШНИЦА

(El espíritu de la colmena / The Spirit of the Beehive)

Игран филм, Шпанија

1973, 98 мин., колор, блуреј

Режија: Виктор Ерис (Víctor Erice)

Сценарио: Анхел Фернандез Сантос Виктор Ерис (Ángel Fernández Santos, Víctor Erice)

Улоги: Фернандо Фернан Гомез, Тереза Химпера, Ана Торент (Fernando Fernán Gómez, Teresa Gimpera, Ana Torrent)

Дејствието на филмот се случува во Шпанија во 1940 година, кога во едно мало село во областа Кастилја на северозападот на земјата пристигнува патувачко кино. Сестрите Изабел и Ана го гледаат црно-белиот филм ФРАНКЕНШТАЈН (Frankenstein) од 1931 г. на Џејмс Вејл (James Whale) и под импресии од филмот решаваат самите да го најдат чудовиштето во реалноста.

Таткото Фернандо, научник, со сопругата Тереза и ќерките Ана и Изабел се доселил во селото за време на Граѓанската војна (1936-1939). Фернандо времето го минува главно во слушање радио и проучување на пчелите, а Тереза му пишува писма на непознат маж во Франција. Кога среде таа селска заспаност девојчињата ќе го видат филмот за Франкенштајн со Борис Карлоф (Boris Karloff) во главната улога, и кога во шталата ќе пронајдат млад војник што дезертирал и се крие во селото, Ана ќе се спријатели со него верувајќи дека тој е духот на чудовиштето од филмот. Кога, пак, ќе тргне во потрага по него, ќе се изгуби во шумата: помошта ќе стигне од духот на Франкенштајновото чудовиште…

Во филмот на Ерис, Шпанија е земја штотуку излезена од Граѓанската војна, изолирана од Европа, но и со прекината комуникацијата внатре во општеството. Ерис употребува малку дијалог, но на уметнички начин, низ драматичното осветлување, панорамските снимки и затемнувањата на сцените ја коментира политичката ситуација во Шпанија по војната. Карактерот на Франкенштајн симболично ја претставува таа временска историска рамка на Шпанија.

Интересна и трагична е судбината на кинематограферот Луис Квадрадо (Luis Cuadrado) додека го снимал овој филм. Тој полека го губел видот, но неговиот асистент му ги носел полароид снимките од сцените кои Квадрадо ги насочувал кон светлото и ги гледал со помош на лупа. Седум години подоцна, во 1980 година, откако целосно ослепел, а туморот во мозокот му предизвикувал неподносливи болки, Квадрадо извршил самоубиство.

ДУХОТ НА ПЧЕЛНАТА КОШНИЦА во 1973 година е дебитантски игран филм на Ерис (1940), кој освои дузина награди на европските филмски фестивали (Сан Себастијан), а беше победник и на фестивалот во Чикаго (САД). Со подоцнежните филмови ЈУГОТ (El sur, 1983) и ЦВЕТОТ НА ДУЊАТА (El sol del membrillo, 1992) Ерис се наметна како водечки автор во шпанската кинематографија. Заради лиричноста во неговите филмови споредуван е со Драјер (Dreyer), Бресон (Bresson), Тарковски (Tarkovsky) и Киаростами (Kiarostami)…

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: бесплатен влез 

 

 12 НОЕМВРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.

13 НОЕМВРИ (САБОТА), 18:00 ч.

ДЕВЕТ ПИСМА ЗА БЕРТА

(Nueve cartas a Berta / Nine Letters to Bertha)

Игран филм, Шпанија

1966, 90 мин., црно-бел, ДВД

Режија: Базилио Мартин Патино (Basilio Martín Patino)

Сценарио: Базилио Мартин Патино (Basilio Martín Patino)

Улоги: Емилио Гутиерез Каба, Мари Карилјо, Елза Баеза (Emilio Gutiérrez Caba, Mary Carrillo, Elsa Baeza)

Лоренцо е млад човек, студент од Саламанка (Шпанија), кој штотуку се вратил од Англија, каде се вљубил во Берта, девојка чии родители се шпански емигранти. Берта никогаш не ја видела Шпанија и Лоренцо се обидува преку прекрасни писма да ѝ го приближи светот во кој живееле нејзините родители.

Лоренцо за време на престојот во Англија запознал друг начин на живот, други луѓе, друг хоризонт од Шпанија која е под диктатурата на Франко. Кога се враќа дома и повторно се вклучува во секојдневната рутина и традиционалната атмосфера на неговото семејство, неговите пријатели и неговата девојка, чувствува дека здодевноста на неговиот мал град го убива. Филмот е поделен на девет дела, секој од нив раскажан преку нарацијата на писмата испратени до Берта. Поголемиот дел е базиран на слики и плени со својата забавеност, егзистенцијализмот и катарзата на главниот лик, толкуван од големиот Емилио Гутиерез Каба. Лоренцо на крајот сепак помислува дека ништо сè уште не е завршено, и дека сè може да се смени…

 ДЕВЕТ ПИСМА ЗА БЕРТА е дебитантски филм на Патино и критичарите веднаш го прогласија за еден од најзначајните наслови на новата шпанска кинематографија. Филмот победи на фестивалот во Сан Себастијан во 1966 и ја освои наградата на шпанските филмски критичари во 1967.

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: бесплатен влез 

 

13 НОЕМВРИ (САБОТА), 20:00 ч.

15 НОЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.

НАЦИОНАЛНО НАСЛЕДСТВО

(Patrimonio Nacional / National Heritage)

Игран филм, Шпанија

1981, 112 мин., колор, ДВД

Режија: Луис Гарсија Берланга (Luis García Berlanga)

Сценарио: Луис Гарсија Берланга, Рафаел Азкона (Luis García Berlanga, Rafael Azcona)

Улоги: Луис Сигес, Луис Ескобар, Мари Санпере, Аугустин Гонзалес, Хозе Луис Лопез Васкез (Luis Ciges, Luis Escobar, Mary Santpere, Agustín González, José Luis López Vázquez)

НАЦИОНАЛНО НАСЛЕДСТВО е втор дел од филмската сага за семејството Легинече (Leguineche), на која и претходи НАЦИОНАЛЕН ЛОВ (La escopeta nacional / The National Shotgun, 1978), а третиот дел е насловен НАЦИОНАЛ 3 (National III).

По смртта на диктаторот Франциско Франко (1975) и обновувањето на монархијата, грофот од Легинече се враќа во својата палата во Мадрид. По триесет години доброволен егзил во неговата фарма во Лос Техадилос, тој има намера да дојде до кралот за да го сумира животот од минатото. Сепак, не е толку лесно да се пристапи до кралското семејство…

Аристократското семејство Легинече нема добар рејтинг на дворот бидејќи ја нема важноста што неговите членови си ја придаваат. Грофот, всушност, е банкротиран, но ги користи сите можни врски да позајми пари за да го одржува „угледот“ што посакува да го има во новата држава, демократската монархија Шпанија.

НАЦИОНАЛНО НАСЛЕДСТВО се смета за можеби најдобриот филм на Луис Гарсија Берланга, во кој доминира внимателно дозираниот хумор и „лесен“ наративен стил. За тоа заслуга има актерската екипа, во прв ред грофовскиот пар Мери Санпере и Луис Ескобар, нивниот верен слуга Луис Сигес, и останатите…

Филмот на Берланга беше во официјалната конкуренција на Канскиот фестивал 1981 година и шпански претставник за наградата „Оскар“. Берланга (1921-2010) дебитираше како режисер со сатиричната драма ДОБРЕ ДОЈДОВТЕ ГОСПОДИНЕ МАРШАЛ (Bienvenido, Mr. Marshall, 1952), кој го видовме на Неделата на шпански филм пред три години. Во сличен сатиричен стил продолжи и со неговата комерцијално успешна трилогијата за семејството Легинече во постфранкистична Шпанија. Берланга на крајот на седумдесеттите и почетокот на осумдесеттите години на минатиот век беше на чело на шпанската Кинотека и беше првиот претседател на шпанската Академија на филмски науки и уметности (Academia de las Artes y Ciencias Cinematográficas de España / Spanish Academy of Arts and Cinematographic Sciences).

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: бесплатен влез 

 

15 НОЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

16 НОЕМВРИ (ВТОРНИК), 18:00 ч.

РАКЕТАТА ОД КАЛАБУЧ

(Calabuch / The Rocket From Calabuch)

Игран филм , Шпанија / Италија

1956, 93 мин., црно-бел, блуреј

Режија: Луис Гарсија Берланга (Luis García Berlanga)

Сценарио: Леонардо Мартин, Флорентино Сорија, Енио Флајано, Луис Гарсија Берланга (Leonardo Martín, Florentino Soria, Ennio Flaiano, Luis García Berlanga)

Улоги: Едмунд Гвен, Валентина Кортезе, Хуан Калво, Франко Фабрици, Феликс Фернандез (Edmund Gwenn, Valentina Cortese, Juan Calvo, Franco Fabrizi, Félix Fernández)

Уште еден класичен црно-бел филм на Берланга од почетокот на неговата кариера. Кога угледниот нуклеарен физичар Хамилтон (Гвен) ќе исчезне, неговите колеги од Институтот и јавноста ќе се вознемират, бидејќи професорот знае важни воени тајни. Но, зад мистеријата на неговото исчезнување се крие само едноставната желба на Хамилтон да побегне од сè, згаден од сознанието дека неговата научна работа се користи за изработка на нуклеарно оружје.

Хамилтон е на малото рибарско острово Калабуч, со помалку од 1.000 жители: таму е толку мирно и спокојно што и локалната полиција носи древна римска облека, а како оружје користи копја. Бидејќи Хамилтон скита низ островот (без документи), полицијата ќе го приведе, но на рајскиот остров и затворот е како хотел, бидејќи затворениците преку ден можат слободно да се движат, со ветување дека навечер ќе се вратат во ќелиите. Професорот набргу ќе се спријатели со мештаните, и дознава дека на Калабуч ќе се одржи натпревар во огномет: би сакал да учествува бидејќи има големи познавања во таа област, но не би сакал да го привлече несаканото внимание…

РАКЕТАТА ОД КАЛАБУЧ е сатирична комедија, духовита и иронична слика на Шпанија и светот по Втората светска војна (обичните ракети во филмот се алузија на вистинското нуклеарно оружје и забревтувањето на Студената блоковска војна) низ илустрациите на менталитетот на едно мало место, на трагата на првенецот на Берланга, ДОБРЕ ДОЈДОВТЕ ГОСПОДИНЕ МАРШАЛ. РАКЕТАТА ОД КАЛАБУЧ е полн со ексцентрични и „луди“ карактери, предводени од британско-американскиот актер Едмунд Гвен (1877-1959), „оскаровец“ со улогата во ЧУДОТО ОД 34-ТА УЛИЦА (Miracle on 34th Street, 1947) на Крис Крингл (Kris Kringle). Гвен е единствен актер што добил „оскар“ за улога на Дедо Мраз и бил еден од омилените актери на славниот англиски писател Џорџ Бернард Шо (George Bernard Shaw) и режисерот Алфред Хичкок (Alfred Hitchcock).

Филмот на Берланга беше награден во Венеција во 1956, како и со неколку национални филмски награди во Шпанија.

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: бесплатен влез 

 

16 НОЕМВРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

17 НОЕМВРИ (СРЕДА), 18:00 ч.

МАТАХАРИС

(Mataharis)

Игран филм, Шпанија

2007, 100 мин., колор, ДЦП

Режија: Исиар Бојаин (Icíar Bollaín)

Сценарио: Исиар Бојаин, Татјана Родригез (Icíar Bollaín, Tatiana Rodríguez)

Улоги: Наџва Нимри, Мариа Васкез, Нуриа Гонзалес, Диего Мартин (Najwa Nimri, María Vázquez, Nuria González, Diego Martín)

Сторијата на МАТАХАРИС следи три приватни детективки кои се посветени професионалки и успешни во нивната професија. За разлика од работата, во приватниот живот многу потешко ги решаваат проблемите…

Ева (Нимри) само што се вратила на работа од породилното отсуство, па мора да ги менаџира професионалните и приватните обврски како млада мајка, а згора на тоа се сомнева дека маж ѝ крие некоја голема тајна. Инес (Васкез) ќе се инфилтрира меѓу вработените во една мултинационална компанија, па истрагата ќе ја соочи со тешка лична и етичка одлука. Кармен (Гонзалес) ќе набљудува како се распаѓа туѓ брак, ни малку свесна за распаѓањето на сопствениот…

Исиар Бојаин во светот на филмот влезе во 1983 година како 16-годишна актерка во филмот ЈУГОТ (El sur) на Виктор Ерис (Víctor Erice). Во средината на деведесеттите години започнува да режира: МАТАХАРИС освои десеттина национални шпански награди на фестивалите, здруженијата на филмските професионалци и филмските критичари, повторувајќи ги успесите на нејзините претходни авторски филмови.

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: бесплатен влез 

 

17 НОЕМВРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

18 НОЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

НЕВИНИТЕ СВЕТЦИ 

(Los Santos Inocentes / The Holy Innocents)

Игран филм, Шпанија

1984, 107 мин., колор/црно-бел, ДЦП

Режија: Марио Камус (Mario Camus)

Сценарио: Антонио Ларета, Маноло Матји, Марио Камус (Antonio Larreta, Manolo Matji, Mario Camus)

Улоги: Алфредо Ланда, Тереле Павез, Франциско Рабал, Белен Бајестерос, Хуан Санчез, Сузана Санчез (Alfredo Landa, Terele Pávez, Francisco Rabal, Belén Ballesteros, Juan Sanchez, Susana Sánchez )

Сторијата се случува во внатрешноста на Шпанија, во шеесеттите години од минатиот век. Пако и Регула се сиромашен брачен пар што работи на фармата на богатата грофица и нејзиното семејство. Имаат четири деца: едното од девојчињата е ретардирано, а две деца, наместо да посетуваат училиште, мораат напорно да работат на фармата бидејќи земјопоседникот е безмилосен. Нивниот брат Азариас го минува времето негувајќи ги птиците…

Марио Камус (1935-2021) филмската кариера ја започнал како соработник на сценаријата на Карлос Саура (Carlos Saura), а на почетокот на шеесеттите години започнува да режира филмови со изразена социјана критика. Негови најпознати филмови се ПЧЕЛАРНИК (La colmena, 1982), со кој ја освојува „Златната мечка“ на Берлиналето 1983, и НЕВИНИТЕ СВЕТЦИ, кој ја освои специјалната награда на жирито во Кан 1984, а актерите од НЕВИНИТЕ СВЕТЦИ, Алфредо Ланда и Франциско Рабал ја поделија „Златната палма“ за најдобар актер. НЕВИНИТЕ СВЕТЦИ освои уште неколку национални награди во Шпанија, меѓу кои и таа на филмските критичари.

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: бесплатен влез 

20 НОЕМВРИ (САБОТА), 20:00 ч.

ИНТЕРНАЦИОНАЛЕН ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ КИНЕНОВА

ФОКУС НА ИСРКА КИНЕМАТОГРАФИЈА

23 НОЕМВРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

ФРЕД

(Fred)

Документарен филм, Италија

2021, 60 мин., колор, ДЦП

Документарна сторија за Фердинандо Фред Бускаљоне (Ferdinando “Fred” Buscaglione, 23 ноември 1921 – 3 февруари 1960), италијански музичар, пејач и полиинструменталист, кој бил популарен во доцните педесетти години од минатиот век. Неговиот прв сингл во 1955 година бил продаден во еден милион копии.

Во неговите песни и во филмовите во кои настапувал, Фред бил персонификација на комичен гангстер склон на доброто виски и убавите жени. Неговите улоги биле инспирирани од филмовите со Кларк Гејбл (Clark Gable) и романескните јунаци на „палп фикшн“ писателот Мики Спилејн (Mickey Spillane).

Филмовите со кои оставил трага пред прераната смрт во сообраќајна несреќа во близина на Рим се: КАКВА ЖЕНСКА! (Che bambola / Whatta babe!), ТЕРЕЗА, НЕ ПУКАЈ (Teresa non sparare / Theresa, don’t shoot!), ТИ БЕШЕ МАЛЕЧОК (Eri piccola così / You were small like that), ГЛЕДАЈ КАКВА УБАВА МЕСЕЧИНА (Guarda che luna / Look, What A (beautiful) Moon), ЉУБОВ ВО ПОРТОФИНО (Love in Portofino, Porfirio Villarosa; карикатурален приказ на светски популарниот плејбој и автомобилски тркач Порфирио Рубироза / Porfirio Rubirosa), ЛЕСНО ВИСКИ (Whisky facile / Easy Whiskey)…

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: бесплатен влез 

24 НОЕМВРИ (СРЕДА), 18:00 ч.

ЧЕКАЈЌИ ГО ХАНДКЕ

(Čekajući Handkea / Waiting for Handke)

Документарен филм, Србија

2021, 74 мин., колор, ДЦП

Режија: Горан Радовановиќ (Goran Radovanović)

Сценарио: Горан Радовановиќ, Борис Трбиќ (Goran Radovanović, Boris Trbić)

Најновиот документарец на Горан Радовановиќ, кој имаше светска премиера на Интернационалниот филмски фестивал во Санкт Петербург, Русија, на почетокот на ноември, ја прати приказната на винарот Срѓан Петровиќ од местото Велика Хоча на Косово. Откако Петровиќ ја слушнал веста дека австрискиот писател со париска адреса Петер Хандке (Peter Handke) ја добил Нобеловата награда за книжевност во 2019 година, добива инспирација да стави плоча со ликот на писателот на ѕидот на неговата винарија. Хандке неколку пати ја има посетено и престојувал во таа винарија, и поставувањето на спомен-плочата, како знак на благодарност до овој писател во изолираната и гетоизирана српска енклава на Косово, станува сизифовски потфат, кој ја открива животната драма на преостанатото српско население.

Авторот Радовановиќ вели дека престојот на Хандке во српските енклави на Косово пред седум години имал големо влијание да го сними неговиот игран филм ЕНКЛАВА (српски кандидат за Оскар во 2016). За разлика од претходниот документарец СЛУЧАЈОТ МАКАВЕЕВ ИЛИ ПРОЦЕС ВО КИНОСАЛАТА, во кој доминира аудио записот, сторијата во ЧЕКАЈЌИ ГО ХАНДКЕ почива исклучиво на сликата.

Петер Хандке (1942) има германско и словенечко потекло, растел во Источен Берлин, студирал во Грац, и неговата проза во 70-те години на минатиот век е дел од новиот бран на германската книжевност и филм. Режисерот Вим Вендерс во раната фаза на неговата кариера ги сними филмовите СТРАВОТ НА ГОЛМАНОТ ОД ПЕНАЛ (Die Angst des Tormanns beim Elfmeter / The Goalie’s Anxiety at the Penalty Kick, 1972) и АМЕРИКАНСКИОТ ПРИЈАТЕЛ (Der amerikanische Freund / The American Friend, 1977) според романите на Хандке, како и ремек-делото НЕБОТО НАД БЕРЛИН (Der Himmel über Berlin / Wings of Desire, 1987) според сценариото на Хандке. Писателот во 1977 го режираше ЛЕВОРАКАТА ЖЕНА (Die linkshändige Frau / The Left-Handed Woman) според неговиот истоимен роман. Во годините на распадот на Југославија, за разлика од повеќето западноевропски и американски интелектуалци и писатели, Хандке ги подржуваше Србите и режимот на Милошевиќ и го негираше геноцидот на муслиманското население во Босна и Херцеговина. Тие негови ставови четврт век подоцна, кога Хандке ја доби Нобеловата награда, предизвикаа бојкот на поголемиот дел од балканските земји.

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: бесплатен влез 

24 НОЕМВРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

ФИЛМ ПО ИЗБОР НА ГЕТЕ ИНСТИТУТ

25 НОЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

СЛУЧАЈОТ МАКАВЕЕВ ИЛИ ПРОЦЕС ВО КИНОСАЛАТА

(Случај Макавејев или процес у биоскопској сали / The Makavejev Case or Trial in a Movie Theater)

Документарен филм, Србија

2018, 74 мин., колор/црно-бел, ДЦП

Режија: Горан Радовановиќ (Goran Radovanović)

Сценарио: Горан Радовановиќ, Борис Трбиќ (Goran Radovanović, Boris Trbić)

Учествуваат: Илија Башиќ, Милена Дравиќ, Светозар Цветковиќ, Желимир Жилник (Ilija Basic, Milena Dravic, Svetozar Cvetkovic, Zelimir Zilnik)

Документарецот на Радовановиќ го осветлува можеби најектремниот случај на политичка цензура во некогашна Југославија, судскиот процес на филмот В.Р. МИСТЕРИИ НА ОРГА(НИ)ЗМОТ (W.R. – Misterije orga(ni)zma / WR: Mysteries of the Organism) на режисерот Душан Макавеев (Dušan Makavejev) во 1971 година.

Филмот на Макавеев подигнал голема прашина и политичките кругови во тогашна Југославија сакале да го забранат по секоја цена, сметајќи го како врв на т.н. „црн бран“ во југословенската кинематографија. Макавеев како инспирација за филмот го имал ликот и делото на германскиот психијатар/сексолог Вилхелм Рајх (Wilhelm Reich), кој по емигрирањето во САД пред налетот на нацистичкиот режим, станува еден од најконтроверзните личности во јавноста, вистински „трн в око“ на конзервативците како човек што го расипува американскиот морал.

Било организирано необично „судење“, еден вид собир на голем број тогашни самоуправувачи, во киносалата „Арена“ во Нови Сад, каде што филмот бил напаѓан дека ја искривува социјалистичката стварност во Југославија (истовремено, светската критика го воздига филмот на Макавеев како најкомунистички филм во тој период). На пултот се ределе говорници од разни социјални профили, од работници до режимски интелектуалци, со осуди за авторот, а само неколку од говорниците ја бранеле авторската слобода. „Ние имаме право во нашата демократска заедница да го забраниме тоа што не ни се допаѓа во оваа земја…“, гласи страсната осуда на еден од говорниците.

Еден од соработниците на Макавеев тајно го снима целиот собир со скриен микрофон во ракавот. Од четирите ленти снимени на тој собир Радовановиќ го реконструира политичкиот процес на Макавеев, по кој режисерот ќе емигрира од Југославија и следните неколку филмови ќе ги сними во Европа, САД, Австралија… Во филмот на Радовановиќ учествуваат преживеаните актери и соработници од неговите ексјугословенски филмови, а неговиот говор на судењето го интерпретира Светозар Цветковиќ, еден од неговите омилени актери.

„Филмот В.Р. МИСТЕРИИ НА ОРГА(НИ)ЗМОТ стана симбол на филмското наследство што ни го остави Макавеев: филмски јазик како игра и вечен експеримент во режијата и монтажата. А забраната на овој филм со текот на времето стана симбол на Југославија како недовршен социјалистички експеримент“, објаснува документаристот Радовановиќ.

Филмот беше награден на белградски ФЕСТ како најдобар домашен филм и ја доби наградата на критиката, а освои награди и на Фестивалот на историски филмови во Хрватска и на Филмскиот фестивал во Тајван.

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: бесплатен влез 

26 НОЕМВРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.

УЧИТЕЛОТ ОД ДРИМКОЛ

(Učitelj iz Drimkola / A teacher from Drimkol)

Документарен филм, Србија

2020, 20 мин., колор/црно-бел, ДЦП

Режија: Милан Киќевац, Бошко Милосављевиќ (Милан Кићевац,  Бошко Милосављевић)

Сценарио: Милан Киќевац, Бошко Милосављевиќ (Милан Кићевац,  Бошко Милосављевић)

Документарна сторија за заборавениот српски писател Анѓелко М. Крстиќ, чие дело е обележано со питорескниот Дримкол, неговиот роден крај во Југозападна Македонија. Историјата на српската книжевност денес го смета Крстиќ за значајно име во српската литература од првата половина на 20. век, рехабилитирајќи го бидејќи бил неправедно запоставен со децении.

Темите на документарецот за Анѓелко Крстиќ се неговиот живот, книжевните дела и просветителската работа, кои се малку познати на денешната јавност. Милан Киќевац и Бошко Милосављевиќ преку истражувањата собрале до сега необјавена и непозната архивска граѓа, семејни фотографии и емотивните сеќавања на живите потомци. Во занимливата приказна за животот и делата на Крстиќ говорат професори по историја и книжевни критичари кои ја проучувале таа епоха.

Животот на Крстиќ започнува и се завршува во селото Лабуништа, близу границата со Албанија. Крстиќ имал бурен живот, се школувал во Белград, учествувал во војните од почетокот на минатиот век, но и покрај можноста да остане српската престолнина, решил да се врати во родниот крај, каде што и ги напишал капиталните дела на српската книжевност од тој период.

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: бесплатен влез 

27 НОЕМВРИ (САБОТА), 20:00 ч.

СЕЛИДБИТЕ ВЕЧНО ПРОДОЛЖУВААТ

(Seobe se nastavljaju večno / Migrations continue forever)

Документарен филм, Србија

2018, 14 мин., клолор/црно-бел, ДЦП

Режија: Милан Киќевац, Бошко Милосављевиќ (Милан Кићевац,  Бошко Милосављевић)

Сценарио: Милан Киќевац, Бошко Милосављевиќ (Милан Кићевац,  Бошко Милосављевић)

Документарецот на авторскиот двоец Киќевац (продуцент) и Милосављевиќ (режисер) е инспириран од поимот „Горна земја“, како што ја нарекувале Унгарија (како дел од некогашното царство Австро-Унгарија), крајната дестинација на бројните селидби на Србите од Балканот кои се одвивале низ векови наназад. Авторите во филмот го прикажуваат богатото српско културно наследство кое денес постои во Унгарија, и приказната се одвива низ живото српско минато, објектите на ктиторите, спомениците и другите важни градби и историски спомени кои се наоѓаат во Будимпешта, Сант Андреја и други места во тој дел од Средна Европа, своевремено населени со емигрантите од Србија.

Наратор на сторијата е актерот Бојан Жировиќ, а за селидбите, спомениците, луѓето и настаните од таа историска епоха говорат д-р Динко Давидов од Српската академија на науките и уметностите (САНУ), д-р Мило Ломпар, професор на Филолошкиот факултет во Белград, и д-р Бојан Поповиќ, кустос на Галеријата со фрески, како и неодамна починатиот српски патријарх Иринеј.

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: бесплатен влез