Три основни училишта во Њујорк забранија костими за Ноќта на вештерките од хит серијата на Нетфликс „Squid Game“, поради страв дека на тој начин се глорификува насилството.
Јужнокорејската трилер серија пренесува приказна за луѓе во големи долгови кои се пријавуваат на мистериозен натпревар со голема парична награда во кој треба да победат во смртоносни игри.
Бруталната содржина предизвикала училиштата да испратат мејлови до родителите околу насилните пораки на серијата, додавајќи дека костими со мотиви од серијата на училишните маскенбали не би биле соодветни.
Според Крег Тајс, менаџер на њујоршкиот училишен округ Фајетвил-Манлиус, овие училишта имаат правилник со кој се забрануваат маски за Ноќта на вештерките кои можат да се интерпретираат како оружје, или пак кои се многу морничави и страшни.
Тој додал дека учениците ги имитираат сцените од серијата за време на одморите и дека директорите на училиштата ги предупредуваат родителите дека игрите поврзани со насилно однесување се несоодветни.
Во САД серијата од Нетфликс е означена како несоодветна за помлади од 17 години.