Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија го продолжи рокот за доставување пријави за признанието „Успешни млади“ за 2020 година до 15 ноември 2021 година.
Признанието се доделува во насока на вреднување на трудот и знаењето на младите, како една од политиките за намалување на одливот на млади луѓе од земјава, како и за создавање на перспективи за младите и успешни кадри.
Признанието е поттик на научноистражувачката мисла и уметничката работа на младите, за резултати постигнати во текот на 2020 година, во следните осум категории:
- Најдобар/а млад/а научник/чка во општествените науки;
- Најдобар/а млад/а научник/чка во хуманистичките науки;
- Најдобар/а млад/а научник/чка во природно-математичките и техничките науки;
- Најдобар/а млад/а научник/чка во медицинските науки;
- Најдобар/а млад/а иноватор/ка;
- Млад талент (за ученици и ученички од средните училишта);
- Признание за постигнат особен успех и за афирмација на инклузијата (за млади со попреченост);
- Најдобар/а млад/а уметник/чка.
На јавниот повик може да аплицираат сите лица коишто заклучно со 2020 година навршиле 35 години, а кои постигнале значајни резултати во соодветната категорија, освен за шестата категорија (млад талент) за која можат да се пријават само ученици и ученички од средните училишта.
Јавниот повик во којшто детално се наведени условите и начинот за доставување на пријавите е достапен на веб-страницата на Претседателот на Република Северна Македонија на:
македонски јазик: https://bit.ly/2ZAdMSA
албански јазик: https://bit.ly/3mq8dPF
англиски јазик: https://bit.ly/3mpLbIB
„Препознавајќи ги социо-економските предуслови на поединците како значаен фактор во пристапот и можностите за образование и професионален напредок, со овој повик особено ги охрабруваме сите млади кои припаѓаат на ранливи категории да поднесат апликации за признанието“, велат од Кабинетот на претседателот.