Вториот круг од локалните избори вчера и официјално заврши во мнозинството општини во земјава. Исходот им донесе ветер во грб на опозициската ВМРО-ДПМНЕ која на овие избори освои најмногу градоначалници, односно победи во 42 општини и во градот Скопје каде ја поддржаа независната кандидатка Данела Арсовска.
Владејачката СДСМ пак на овие избори изгуби 41 општина, односно нивни кадри сега ги пополнуваат градоначалничките места во 16 општини.
Ваквиот резултат се одрази и на стабилноста на владата, откако премиерот Зоран Заев неколку часа по затворањето на гласачките места изјави дека поднесува оставка од функцијата, како и од претседателската позиција од матичната СДСМ. Претходно Заев го најави ваквиот чекор доколку социјалдемократите го изгубат Скопје.
Во меѓувреме, СДСМ ги изгубија и општините Дебрца и Куманово, каде досегашните градоначалници се кандидираа како независни кандидати и победија.
Единствено останува прашањето која партија ќе го освои градоначалничкото место во Дебар, бидејќи и по повтореното гласање на некои гласачки места ниеден од кандидатите не обезбеди потребен процент од вкупниот број од излезените граѓани. Во меѓувреме, втор круг најавено е да се одржи и во општините Центар Жупа и Маврово и Ростуше поради малата излезност на првиот круг од изборите.
Радио МОФ подготви интерактивен инфографик на кој може да се види промената на градоначалничките места на последните три локални избори.
На овие локални избори впечатливо беше и тоа што земјава доби 79 мажи и само 2 жени за градоначалници. Ова претставува најлоша родова распределба на градоначалничките мандати досега од локалните избори во 2009 година, кога не беше избрана ниту една жена на оваа функција.
2 жени и 79 мажи ќе управуваат со локалната власт во Северна Македонија
Мартин Колоски