Денес, (3 ноември) во 20 часот. во МКЦ (Dancing сала), ќе се одржи премиерата на претставата „Пандорината кутија: Наследството на ќерката“.
Претставата е по текст и во режија на Ришард Ниечим (Канада), а во неа настапуваат Јасмина Билаловиќ (во улогите на Пандора, мајката и ќерката) и Златко Митрески (музички изведувач и автор на музиката). Останатиот тим на претставата го сочинуваат: Ивана Балабанова (асистент на режисерот), Павел Маслов (костими), Мартин Манев (сценографија) и Симона Димковска (асистент-сценограф).
„Пандорината кутија – Наследството на ќерката”, е дел од циклусот претстави на авторот под заедничкиот наслов „Древни огледала/Современи гласови“. Претставата е во 2 чина, од кои првиот чин ги претставува древните гласови или патријархалната херојска перспектива на мажите и машките богови и божици на античка Грција во однос на жените и женственоста, додека вториот ги претставува современите гласови на наследената патријархална херојска перспектива на современите мажи и жени без потхранувачките митови за античките богови и божици и наследената борба на жените за ослободување на сопствениот Женски Глас.
Претставата покренува некои од тековните прашања:
– Кои се денес ќерките на Пандора?
– Што сториле ќерките со нивните наследени „подароци / наследство“?
– Што се сменило за овие 30 века од Хесиод наваму, во улогата/-ите на жените и женственоста во западните култура и општество?
– Кои се последиците од визијата на „Жената“ која древните ја оставиле за модерноста врз психата и на мажите и на жените?
– Кои се современите последици – со губењето на потхранувачките митови за античките богови и божици и вербата во поимот божественост – врз психата и на мажите и на жените во модерната култура, особено ефектите врз модерната перспектива на женственоста?
– Дали западната психа денес има потреба од исцелување и ако е така, како да се направи тоа?
Претставата се занимава со современите конфликти меѓу наследените патријархални херојски машки начини на перцепција и женските перспективи што се развиваат и некои од ефектите врз телото, умот и душата на современата жена кои се занимаваат со губење на вербата во старите богови и божици и античките поими за божественост; кога вербата во божественоста е заменета со волјата за моќ.
Билетите се достапни на билетарата на „Младински Културен Центар“ по цена од 300 денари. Поради КОВИД-19 протокол, местата се ограничени.
Проектот е поддржан од Министерството за култура на Република С. Македонија. Негов носител е З.У.К.Ц. Медиа Артес, а подготовката на претставата беше логистички поддржана од „Битрикс Културно-уметнички Центар“.